За креативниот директор Marco De Vincenzo, во колекцијата на Etro за пролет/лето 2025 година, во патувањето на создавањето битна е патеката, а не дестинација: патеката е таа која создава слоевитост, низ следење на ослободената енергија на инстинктот и препуштање на интуицијата.


Резултатот на таа модна патека е естетика во која телото е засилено со проток на ткаенината, извајано со кроење, украсено со симболиката на агавата. Пресвртите се тие што ги дефинираат движењата и новите начини на работа, со отпечатоците, низ придушени цветови, блесоци и илуминации.


Колекцијата на Etro е претставена на Модната недела во Милано (Milan Fashion Week), според реакциите на медиумите и на социјалните мрежи е оценета како една од најдобрите – со прекрасни, секси силуети во максималистички бохо стил. Принтовите се засилени во апстрактни, речиси психоделични цветни мотиви.
Силуетите како да го вајаат телото, облиците се сензуални и разгорени, аутфитите дополнети со тантела, ламинирани, или богато извезени.
Агавите на сцената евоцираат на реткиот циклус на цветање на растението, што се случува само еднаш, пред да даде семе и да умре, оставајќи простор за регенерација. Ова длабоко резонира со De Vincenzo, кој вели дека иако е родум од Сицилија, се чувствува поврзан и со Андалузија, Севилја и Грција. За него агавата го претставува вечниот циклус на животот и модата, со нејзината симболика на смрт, што води до повторно раѓање.


Атмосферата на модното шоу беше збогатена со настапот на Daniela Pes, музичарка од Сардинија, чиј спој на електронски текстури и древни фонеми на Галуреза создадоа единствена емоционална длабочина. Оваа музика како да го засили богатиот медитерански дух што De Vincenzo го внесе во неговите дизајни, нагласувајќи го чувството на повторно раѓање, сензуалност и моќна женственост, што ја дефинира колекцијата на Etro./М.М.

Ревијата може да се види на сајтот на модната куќа: https://www.etro.com/row-en/fashion-show/woman-fashion-show-ss/

More in:Мода

You may also like

Comments are closed.