Со забава во Скопје на која свој настап имаше Северина, одбележан е почетокот на прославата на 70 години од постоењето на Пелистерка, се вели во соопштението од компанијата.
„Решивме оваа година да направиме заедничка прослава со сите граѓани. Овој македонски бренд покажа сила да издржи на притисоците на пазарот, да се прошири регионално и да ја задржи македонска вредност и автентичност. Денешното обележување на 70 години говори за најголем степен на доверба од потрошувачите и покрај сите предизвици со кои се соочивме како компанија и покрај силната конкуренција. Сепак, со постојано вложување во модернизација, развој и стандардизација на квалитетот, успеавме да ја зголемиме конкурентната вредност на брендот но и на компанијата и да правиме стратегии за понатамошно проширување“, истакна Цветан Панделески, сопственик на Пелистерка АД.
Пелистерка е позната по тоа што е единствената природно минерализирана изворска вода што има лековити елементи. Во изминативе 70 години ја следи континуиран развој и раст, што денес се рефлектира во палета од 12 категории пијалаци под брендот Пелистерка од сегментот води и сокови. Компанијата е еден од најголемите поддржувачи на спортски активности и промотор на спортската култура во земјава, посебно кај младите генерации./М.М.