Во омажот за создавачот – дизајнерот Тања Кокев зборот природно е многу важен за нејзиниот стил, затоа што создава слика на леснотија и самодоверба, а нема ништо поубаво од жена која чекори лесно и самоуверено. – Модата, можеби за некого е најспоредната работа на светов, но за неа – модата е љубов!
ММ: Кажете ни нешто за себе – за почетоците и поривот за создавање, сето што ве одржало и насочило кон успехот?
Пред се како човек кој не познава никакви рамки и предрасуди, претпоставувам дека тоа е главниот предуслов за да се занимаваш со уметност. Почнав како аматер, еволуирам во професионалец. Моите 30-ти беа идеални за мене и мојот почеток како дизајнер. Морам да признаам дека бев помалку срамежлива претставувајќи се себеси како дизајнер, бидејќи немам студирано моден дизајн, јас сум историчар на уметност. Но, желбата и условите ме доведоа тука и сега, по сите овие години, уживам кога себеси се претставувам како дизајнер. Точно знам што правам и мислам дека тоа го правам многу добро.
Навистина сум среќна што сум благословена со храброст, без страв од ризик и без страв од промени и, претпоставувам, затоа и ми се отвараат се повеќе и повеќе врати кои ме донесоа до успех и лична среќа.
ММ: Каде го стекнавте Вашето образование, каде првите креативни искуства?
Како што кажав, јас сум историчар на уметност, типичен претставник на генерацијата 1974, воодушевена од романтизмот на 80-тите, заслепена од оутфитите на Bowie, така што уште тогаш како да имав навестување дека модата ќе биде дел од мене. Модата, можеби за некого е најспоредната работа на светов, но за мене е љубов. Нешто што ми го исполнува секојдневието и ми дава можност да се изразам и комуницирам со мојата публика.
ММ: Кажете ни нешто за Вашиот стил?
Мислам дека зборот природно е многу важен за мојот стил, бидејќи создава слика на леснотија и самодоверба, а нема ништо поубаво од жена која чекори лесно и самоуверено. Имам 46 години, доба на слатка мудрост и многу искуство, благодарение на добрите потези, но и сопствените грешки. Не сум дизајнер кој бара 5 минути слава и не ме интересираат инстант трендови. Она што е во мојот највисок критериум е софистицираност, елеганција и женственост. Но, елеганција не само преку она што го носиш, туку и преку начинот на себе – изразување, на вкусот за книги, музика, слики, ентериер….начинот на кој се движиш и зборуваш.
ММ: Која е водечката инспирација за создавањето – темите, формите, изборот?
Модата е рефлексија на случувањата во едно општество, коренспондира со духот на времето и дава дополнителен шарм. Можеби тој факт ми е најголемата инспирација. Модата има голема публика, а кога веќе имаш публика имаш и одговорност, општествена, етична и, секако, естетска. Едноставно не смееме да се претопиме со оние ликови кои само седат и коментираат и на крај сето го ферментираат во лош вкус. Така што пред формата, бојата и темата, ова ми е првата инспирација.
ММ: Што би издвоиле како највпечатлив личен успех во создавањето?
Полесно е нешто да се создаде, отколку да се оддржи. Тоа што Кокев го оддржувам цели 15 години, следната година и ќе му славиме јубилеј, е нештото што би го издвоила како личен успех. Некако природно е кога почнуваш бизнис да те води само желбата за успех. Но, со текот на годините ако си слеп за факторите кои почнуваат да влијаат, ништо од бизнисот. За среќа или несреќа, надворешните фактори во нашата држава се очигледни и само треба да си слеп да не ги видиш. Мал пазар, нелојална конкуренција и слаба платежна моќ. Сето ова изискува паметно прилагодување и отстапки, кои не ти биле на ум кога си го почнувал бизнисот. Но, со текот на времето, кохерентноста ти станува најдобар пријател, што за нас уметниците од друга страна е штетно бидејќи бара компромис на штета на уметноста.
ММ: Дали може да се живее од професијата дизајнер и колку луѓето знаат и купуваат дизајнерски парчиња?
Апсолутно да, еве цели 15 години го докажувам тоа. Искрено, многу сум задоволна како сум позиционирана во рангот на цена и препознавање добар производ. Мислам дека вреднувањето многу повеќе зависи од понудата на дизајнерот, отколку од надворешните фактори. Секако дека и тие играат улога, но доколку ти како дизајнер понудиш добар производ, нема зашто да биде слабо вреднуван. Досега не сум се соочила со таков проблем, проблемот го гледам во недоволно добрата понуда на поединци.
ММ: Може ли да ни кажете нешто за идните планови?
Не сакам зима, ги бројам деновите додека запролети. Сакам лесна облека и сонце. Не сакам дожд и снег. Сакам море и ја обожавам Тоскана. Во превод, за плановите: чекам да запролети и да го отворам новиот салон, да ја изложам летната колекција и да ја прошетам до Тоскана. / М.М.