Новата колекција од ZANOV, “FEMME” есен/зима 2020/21, создадена е од симбиозата на јавето и сонот, фантазијата и реалноста, суреализмот и реализмот, инспирирана од совршеноста и строгоста на кројот на машкиот костум, прикажан на женска силуета и во форма на женска облека.
Оваа колекција е деветта колекција по ред на брендот ZANOV и затоа симболично соддржи 9 изгледи составени од повеќеслојни парчиња, кои меѓусебно се длабоко поврзани, а од друга страна се тотално различни и претставуваат различни карактеристики на една жена (femme). Едната е фатална, другата е нежна, третата е храбра, четвртата е елегантна, петтата е строга… а всушност сите заедно, ги поврзува еден збор… FEMME !!!
Инспирацијата, освен во машкиот костум, ја најдов и во 30тите и 40тите години на 20тиот век и во подемот на филмската уметност, модата, фотографијата, танцот и музиката. Од големо значење се и многубројните движења кои се јавуваат токму во тие години, по Втората Светска војна, а едно од нив е и движењето “FEMME” кое се бори за правата на женските квир индивидуи.
Не случајно е дури и што секој од изгледите е насловен по жени – икони од тој период, кои оставиле длабок траг во историјата на филмската уметност и лично за мене претставуваат неисцрпна инспирација.
Материјалите во колекцијата, се внимателно одбрани, меѓу кои преовладуваат потешки и зимски материјали, соодветни за костуми, како штоф, волна, сомот, кадифе, чоја, а исто така се употребени и еко кожа, шантунг свила, памучен сатен.
Колекцијата има поширок дијапазон во однос на игрив колорит, вклучувајќи ладни бои како нијанси на зелена, сина, петролеј, тиркизна, нијанси на розева и виолетова и неизбежно црна и бела боја. Впечатлива е и употребата на принт во одредени парчиња… принт со цветови, варијации на потенки и пошироки линии, а исто така се забележува и препознатливата рачна доработка.
Во колекцијата е застапен одреден асортиман на дизајни и модни парчиња, со ставен фокус на сакоа, панталони, мантили и капути, а исто така присутни се и корсети, фустан, комбинезон и топ – ролки. Целосната слика на изгледите ја надополнуваат и рачно изработените ракавици, а за прв пат ZANOV прикажува и украси за глава, како капи со текстура од пердуви, како и перики од реси.
– Како што инспирацијата за колекцијата е од различни карактеристики на една жена, таква е и намената, односно секоја жена, девојка, може да се пронајде во одредено парче од колекцијата.
Колекцијата е достапна на социјалните мрежи на профилите на ZANOV, zanov.official на Instagram, и ZANOV на Facebook, а може да се погледне и проба во живо, во студиото на ZANOV.
Photography : Антонио Станков
Model : Софија Симоноска
Model agency : ModelsIn
MUA : Миа Араби, Beauty Studio Mia Arabi
Hair : Елена Николовска SocialHairsalon
Shoes : Viktor Chevignon
Photography assistant : Мартина Салова Чешновар
Special thanks : Димитар Бабков, Маја Аурета /M.M.