Македонските брендови Herline, Стефанија Насеска, La Maison Cece T. и модната куќа Elena Luka со нивните најнови колекции, ја одбележаа третата вечер на „Скопски моден фестивал”.
Модниот ден беше отворен со колекцијата на Herline, бренд што уште едаш потврди дека женственоста може елегантно да се изрази и низ спортска облека. Ревијата започна со музичкиот настап на поп ѕвездата Викторија Лоба која, заедно со моделите, прошета по синиот тепих на дефилето. Освен најновата линија на тренерки, колекцијата „Revelation“ откри и нови едноделни костими за капење со софистициран дизајн.
По креациите на Herline, публиката го проследи „ослободувањето“ на популарната македонска дизајнерка Стефанија Насеска. Поттикната од општествените случувања на глобално ниво,таа преку „Liberty“ издиктира футуристички, ексцентрични и авангардни трендови, наменети за смели девојки. Бунтовните креацији, како фустанот со фантомка, во неонско розова боја, едновремено означуваат борбеност, свест, а и ја обликуваат женската силуета. Колекцијата претставува осврт на светлината и комфорот како непрекинат поглед кон убавото, вели Насеска. Микс е на минатото и сегашноста со поглед кон иднината.
На третата модна ревија, синиот тепих го осветли игривата елеганција на La Maison Cece T. Дизајнерката се претстави во сосема поинакво светло преку „Metamorphosis“, а во центарот на вниманието беа тоалети и комплети надополнети со крзна и кожени мантили.
Модната куќа Elena Luka , со својата најнова колекција – „Satin Dream“, го заокружи ревијалниот дел на модниот фестивал. Нежните земјени и златни тонови на лелеава свила и рачно изработени орнаменти се дел од најновата грациозна линија наменета за пролет/лето 2023 година.
Скопскиот моден фестивал продолжува да трае преку изложбениот салон, со сите претставени креации. Неделната програма почнува со дегустација на вино и богато музичко мени.
Скопскиот моден фестивал, годинава под слоганот „Can you feel the light?!” , ќе трае до 20 ноември, во трговскиот центар Скопје Сити Мол./М.М.