Дизајнерското студио Tomorrow Machine создаде биоразградливо шише за сок, направено врз база на скроб, што може да се јаде, или да се лупи како кора од овошје, за потоа да се компостира или раствора во вода.
Шишето е наречено GoneShells, прототип е на кој работиTomorrow Machine заедно со компанија Eckes Granini, за нивните сокови Brämhults. Името, GoneShells, го симболизира природниот начин за заштита на храната, слично како кај кората на овошјето.
Уникатноста е во можноста пакувањето по употребата да го снема на повеќе начини – а „тајната„ е во материјалот, заснован на компирен скроб и обложен со био-базирана, водоотпорна бариера.
Штом сокот ќе се испие, шишето треба да се излупи во спирална формација на сличен начин како овошјето, што ја крши неговата бариера и веднаш започнува со процес на распаѓање на материјалот. По ова, „лушпата“ може да се јаде или да се раствори во вода.
Според Tomorrow Machine, GoneShells може да се произведува со користење на опрема дизајнирана за обработка на термопластика, базирана на фосилни горива.
Tomorrow Machine е шведска дизајнерска агенција водена од Anna Glansén и Hanna Billqvist, со седишта во Стокхолм и во Париз. Специјализирани се за концепти за пакување на разновидни производи и храна. Преку истражување, нова технологија и материјал настојуваат да дадат свој придонес во создавањето на почист и подобар свет./М.М.