Под слоганот „Can you feel the light?“, денес и официјално ќе биде означен почетокот на втората сезона на најголемата модна манифестација во земјата, – првин со три ревиски вечери, на 10, 11 и 12 ноември, а потоа и со еднонеделен изложбен салон од 13 до 20 ноември, во трговскиот центар Скопје Сити Мол.
Честа да го отвори второто издание на настанот ѝ припадна на колекцијата „Ти можеш, ти си силна“ од добро познатиот македонски бренд „Eleazar“ на дизајнерката Маја Кикириткова. Инспирирана е од жената во својата најдлабока форма на самоувереност и самостојност, со креациии што истовремено издишуваат жена без предрасуди и жена која знае што сака.
Второ модно изненадување е автентично-уметничкиот приказ „Гоблен“, со потпис на дизајнерот Етник Шала, екстравагантниот гостин од Косово што за прват ѝ се претставува на македонската публика. Колекцијата, за која присутните ќе имаат единствена шанса да ја проследат на сцената на фестивалот, го носи името на традиционалниот украс што тој го навезува на уникатни модели со посебен колорит.


Завршетокот на првиот ден ќе донесе нови идеи од нови дизајнери кои доаѓаат од Академијата за моден дизајн при Скала – школата за дизајн, уметност и технологија. Под менторство на професорите Александар Ношпал и Никола Булески – Буле, петте млади и надежни имиња: Марија Трајковска, Ангела Спасовска, Луна Аврамовска, Милица Димитријевиќ и Ива Ивановска, со своите креации ќе нѐ прошетаат во ерата на 70-тите, либералистичкото движење, панкерските ноти и убавината на жената – вечниот неисцрплив извор на инспирација.
Во петок (12.11) ревијалната програма ќе започне со првата самостојна ревија на Мелани Дигит пред скопската публика. По учествата на престижни настани во странство, нејзините креации најпосле ќе дебитираат на фестивалот и во нашата метропола. Брендот промовира одржлива мода со апциклична облека. Колекцијата со назив „Фигура“ ќе претстави машки и женски модели, кои се нова стилска интерпретација на старите капути, бунди, мантили, јакни и палта.
Веднаш по неа, на ред е ревијата на една од најавтентичните домашни дизајнерки – Сара Реџиќ, која ќе ја презентира најновата колекција со назив „ЈЕСЕНИЈА“. Таа доаѓа како резултат на сѐ она што брендот со години го промовира – романтична и оддржлива приказна, преку триесет комбинации искроени со љубов.
За раскош и блесок на подиумот ќе се погрижи модното ателје Kraljevski, со премиерен приказ на колекцијата наречена „Нема граници“. Инспирирана е од главната идеологија на брендот дека во модата не постојат граници. Креациите оддаваат силен израз на безкомпромисни дезени и принтови инспирирани од различните стилови на клиентите на брендот.
Моќта на машката мода ја вдахнува брендот на етаблираниот дизајнер Роберт Ивановски, кој на крајот од втората фестивалска вечер ќе промовира линија на ленени машки креации во црна, кралско сина и зелена боја. Чувството на комфор и стилизирана комбинираност е суштински елемент во колекцијата именувана „X|“.
Третата ревиска вечер, во сабота (12.11), спектакуларно ќе ја отвори сценското шоу на брендот HERLINE, со колекција содржана од женствена спортска облека и елегантни костими за капење „Revelation“ ќе ѝ донесе поинакво откритие на публиката, редефинирајќи ја визијата за квалитетни и удобни модели со нивните препознатливи заштитни лица.
„LIBERTY“, пак, е симболичниот назив на колекцијата со уникатни изгледи на Стефанија Насеска. Нејзиниот бренд повеќе од една деценија се стреми кон рушење на стереотипите и ги поместува границите во модниот свет. Општествените случувања на глобално ниво, проткаени со непрекинат поглед кон убавото, претставуваат новото лице на популарната дизајнерката што присутните ќе го видат на втората саботна ревија.
Нотите на грациозност и самодоверба се дел од новата колекција на македонскиот бренд La maison Cece T. Дебитантската ревија на фестивалот ќе ја има со колекцијата именувана „Metamorfosis“, а преку изведбата ќе ја маркира елеганцијата во допир со женската фигура.
Ревиските вечери завршуваат со модна куќа Elena Luka, со колекцијата за пролет и лето „Satin dream“, која ексклузно ќе биде преставена на Скоскиот моден фестивал. Креативниот имплус вткаен во креациите е поттикнат од божиците и нимфите од грчката и римската уметност. Во деликатната изработка користени се памучен сатен, префинета органза и свилен жоржет, а во колоритот доминанта е палетата од земјени, златни и бакарни нијанси.
Во недела, на 13 ноември, вниманието ќе се пресели во изложбениот салон, на првиот кат од трговскиот центар Скопје Сити Мол. На едно место ќе може сите заинтересирани да ги погледнат и нарачаат оригиналните креации на учесниците на втората сезона. Свеченото отварање е од 13:00 часот, со дегустација на вино и богата музичка програма на менито./М.М.

You may also like

Comments are closed.