Во сабота, осми јули, македонскиот камерен оркестар „Профундис„ ќе настапи на „Раванелиус“, еден од најпрестижните фестивали за класична музика во регионот, во Ќуприја, Србија.
„Профундис„ е единствениот македонски претставник на овој фестивал, а на сцената, со нив, како солист, ќе настапи извонредниот српски кларинетист Огњен Поповиќ.
– Ова е само еден од настапите кои го потврдуваат трудот, вредната посветеност и љубовта што ја посветуваме во нашето творење и навистина, со голема чест, ја прифативме поканата на организаторите да настапуваме на затворањето на „Раванелиус„, фестивалот на музички извонредности и да ја делиме сцената со најпознатниот српски кларинетист Огњен Поповиќ.“ – изјави маестра Ѓурѓица Дашиќ, уметнички раководител и диригент на „Профундис“.
Инаку „Раванелиус“ е еден од најпрестижните фестивали во регионот. Во своето четиригодишно постоење го доби и престижното признание „Музика класика“, како најдобар фестивал во регионот. Беше домаќин на повеќе од 150 изведувачи и над 4.000 посетители./М.М.