Прославениот концерт-мајстор на лондонската филхармонија, вуртуозот на виолина, Роман Симовиќ и камерниот оркестар „Профундис“, под диригентсво на маестра Ѓурѓица Дашиќ, ќе настапат во Филхармонија на концертниот спектакл „Роман“ на 16 октомври, со почеток во 20:30 часот.


На денешната конференција за медиумите организирана по повод концертот свои обраќања за деталите за настанот имаа маестра Ѓурѓица Дашиќ и прочуениот виртуоз на виолина, Роман Симовиќ.
– „ Концертот дефинитивно го најавивме како спектакл поради повеќе аспекти, а првиот е брилијатноста во изведбата на светски прославениот Роман Симовиќ, концерт-мајстор на престижната Лондонска филхармонија и еден од моментално водечките виолинисти во светот, чие гостување како солист на нашиот концерт уште еднаш го потврдува статусот на „Профундис“ како водечки уметнички камерен состав во Македонија, но и во регионот. Понатаму, уникатноста на програмата, па така на големата сцена на Филхармонија ќе прозвучат делата на тројцата најголеми британски композитори Вилијам Волтон, Вилијам Лојд Вебер и Ралф Вон Вилијамс, како и спектакуларните 4 годишни времиња од Астор Пјацола. Сето ова, вели Дашиќ, проткаено со финеси и грациозност само какви што може да отсвират Роман Симовиќ и „Профундис“ се гаранција за концертен спектакл кој со сигурност ќе ги воодушеви присутните.
Свое обраќање имаше и Симовиќ, кој не ја криеше возбудата за најавениот настап.
Многу сум среќен што после подолг период доаѓам во Скопје. Возбуден сум од можноста за соработка со македонскиот камерен оркестар „Профундис“ за кој имам слушнато само пофалби и убави зборови од моите колеги, а особено драга ми е средбата со диригентката Ѓурѓица Дашиќ. Во Скопје ќе престојувам неколку дена, ќе имаме неколку заеднички проби и едвај чекам да музицираме заедно. Особено драга, вели Симовиќ, ќе ми биде изведбата на Пјацола, врвно и многу ефективно дело за кое ветувам дека ќе го оставам срцето и душата на сцена.
Камерниот оркестар „Профундис“ е уметнички состав кој постои четири години и чии цели се промоција на квалитетот и особеноста на изразот со посебен акцент на оригиналноста на сите концертни изведби. Во него членуваат едни од најистакнатите македонски инструменталисти што се дел од двата професионални оркестри кај нас, Националната опера и балет и Националната филхармонија.
Роман Симовиќ има брилијантна кариера: настапувал во „Карнеги Хол“, големата сала на Конзерваториумот „Чајковски“, салата „Марински“ во Санкт Петерсбург, Операта во Тел Авив, салата „Викторија“ во Женева и многу други. Добитник на престижни награди. Како солист настапува со водечки оркестри во светот. Визитинг професор е на Кралската академија во Лондон и има огромно искуство како педагог. Често е раководител на мајсторски курсеви во САД, Велика Британија, Јужна Кореја, Јапонија, Австралија, Италија, Шведска, Швајцарија…Има издадено бројни цедеа, но се издвојуваат четири на кои тој е уметнички раководител на гудачите на лондонскиот симфониски оркестар, снимени за ЛСО-лајв, како и неговото цеде со Виолинските каприси од Паганини, за соло виолина.
Влезниците за концертниот спектакл „Роман“ се достапни преку продажната мрежа на МК ТИКЕТС како и онлајн (https://www.karti.com.mk/roman.nspx), по цени кои почнуваат од 500 денари.

More in:Вести

You may also like

Comments are closed.