Во просториите на Café Литература во Дајмонд мол одржана е промоција на двата нови романи на авторката Кристина Краличин: „Денот пред да се стемни“ и „Последна шанса за втора клапа: сценариото на немиот сведок“.
Промоторите, проф. д-р Ермис Лафазановски и Билјана Црвенковска, која е и уредник на издавачката куќа „Чудна шума“, се осврнаа на структурата и содржината на романите, како и на едицијата од која тие се дел и којашто ќе следи наредните години. Делови од романите читаше актерката Дарја Ризова.
Од авторката Краличин беше појаснето дека се работи за едиција од 14 романи кои меѓусебно ќе се поврзани на еден специфичен и невообичаен начин. Нишката што ги поврзува тие романи лежи во нивната содржина, иако темите што се разработуваат се различни, како што се различни и ликовите, времето на настаните во кои се одвиваат дејствијата, како и локациите.
Промоторот проф. д-р Ермис Лафазановски истакна дека се работи за специфичен стил на изразување со стилски и јазично богати описи кои ја изразуваат автентичноста на делата и читајќи ги се присетил на случка од минатото поврзана со темата на романот „Последна шанса за втора клапа: сценариото на немиот сведок“. На крајот на излагањето тој истакна дека Кристина Краличин е нов книжевен глас и идна ѕвезда што силно ќе сјае на писателското небо.
Надоврзувајќи се, уредничката Билјана Црвенковска ѝ постави неколку прашања на авторката Краличин поврзани со нејзиниот автентичен стил на пишување, односно за тоа како се поврзуваат филозофските и мотивациски сегменти во делата, како и за делата што авторката планира да ги објави.
Според Краличин, се работи за серијал што постепено ќе се разоткрива пред очите на читателите како крупен проект во кој нејзините ангажмани во пишувањето. посакува да има многу повеќе време и слободен простор за пишување.
Краличин дипломирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на Катедрата за италијански јазик и книжевност и американски студии, проучувајќи ги италијанската и американската култура и книжевност.
Автор е на две стихозбирки „Патот на душата по зборот што гори“ и „Poetry as a Perfect Entity: The Ethical Dimension of Life: Verses of the Essence“ на англиски јазик, една збирка раскази и поезија „Collection of Poems and Stories: Love the Differences“ на англиски јазик која е преведена и објавена на италијански јазик „Raccolta di Poesie e Racconti: Ama Le Differenze“, на три романи „Дното на моето небо“, „Денот пред да се стемни“ и „Последна шанса за втора клапа“. Добитник е на меѓународни награди, меѓу кои и интернационалната „Concorso Internazionale “Il Parnaso” – Premio “Angelo La Vecchia” VIII Edizione 2022/23“. Дел од нејзините песни се влезени во две антологии издадени во Италија.