Најновата колекција на шапки „Циклус/Cycle“, на модната дизајнерка Мирјана Јосифоска, синоќа преставена во „Јавна соба„.- Станува збор за четврта колекција на дизајнерката, инспирирана од македонскиот народен фолклор.
„Циклус/Cycle“ е урбана, шик колекција која претставува нов израз на дизајнерката Јосифоска која истакнува: Боите искористени во колекцијата можат да се најдат кај народните носии: бела, зелена, црвена, сина и црна. Секоја од нив има посебно значење за македонскиот фолклор. Белата претставува почеток и невиност, зелената – плодност и среќа, црвената претставува живот, љубов, војна и крв, сината- лојалност, меланхонија и тага, додека црната – смрт и крај. Всушност, инспирацијата за името на колекцијата „Циклус/Cycle“, доаѓа од значењето на секоја од боите – циклусот на животот опишан преку боите во македоскиот фолклор.
На модната изложба на шапки и креации од колекцијата, организирана по ревијата во просториите на „Јавна соба“, можеа да се видат и пробаат уникатните дизајнерски парчиња. На изложбата можевме да видиме десет модела, седум шапки и пет модни додатоци за коса, во бела, зелена, црвена, сина и црна боја.
Поголемиот дел од шапките се создадени целосно од волна или материјали од природно потекло како свила, лен, памук и вискоза. При креација на модните додатоци материјалите ги користи максимално, а останатиот отпад се рециклира и употребува за врквите со коишто се пакуваат шапките. Како дизајнерка која одлучно се обидува да ја покаже важноста на работата со одржливи и еколошки дизајни, овој пристап на работа дополнително ја поткрепува нејзината дизајнерска филозофија и циркуларноста кај текстилот. Шапката и додаток за коса „Дениција“го добива името по истоименото дело на Петре М. Андреевски и преставува мотивација за ова парче. Она што придонесе на целиот амбиент беше и Марија Кондовска и нејзиното поетско читање на песни од стихозбирката на Петре М. Андреевски за време на ревијата.
За шминката на манекенките се погрижи Школата за Убавина Арт, а за фризура се заслужни студентите на средното училиште „Димитар Влахов“. Моделите се дел од модната агенција „Подиум“, а како дел од нивниот изглед беа и биоразградливите хулахопки Four Twenty Two.
Проектот е поддржан од Министерството за култура на Република Северна Македонија.
За фото продукцијата беше задолжена Меланија Николовска./М.М.