Под светлата на Културниот Центар Лабораториум, 29-та сезона на Моден Викенд Скопје започна во духот на одржливоста и циркуларната економија. Публиката првин имаше можност да ја посети изложбата „Fashion. Forever.“, курирана од Амбасадата на Шведска. Изложбата не беше само визуелен спектакл, туку и своевиден повик за размислување – за тоа како модната индустрија може да ги прегрне принципите на циркуларната економија. Приказните за иновации и еколошка свесност се испреплетуваа во секој изложен експонат, додека младите дизајнери ги покажаа своите решенија за иднината на модата.
Изложбата го истакнува шведското искуство во поттикнување на иновациите, претприемништвото и индустриите кои поддржуваат и овозможуваат зелена транзиција во модната и текстилната индустрија, истакна заменик амбасадорката на Шведска Елизабет Далберј Фрис на отворањето на изложбата. Додека индустријата има голема улога – како потрошувачи, ние исто така треба да направиме промена. Треба да преминеме од опседнатост со „облеката на денот“ во опсесија со облека што ќе трае цел живот, посочи Далберј Фрис.
Во текот на вечерта, Џон Бела ја раздвижи атмосферата со својот музички настап, носејќи софистициран звук што ја освои публиката и ги постави основите за следните уметнички моменти. Изложбата „MASKAS“ го привлече вниманието како врвна уметничка симбиоза меѓу македонскиот тим Warm Metal и британскиот креативец Хуго Виндер-Линд. Оваа колаборација, поддржана од Британскиот совет, покажа како уметноста може да биде авангардна, но истовремено и естетски допадлива, препознавајќи ги традициите, но поставувајќи ги во модерен контекст. На отворањето на оваа изложба присутните ги поздрави Клер Сирс, директорка на Британскиот совет за Западен Балкан.
Вечерта продолжи со модната ревија на DMWC „Во ритамот на македонските традиционални занаети и креации“. Иницијативата е дел од проектот „Промовирање на женската иновација и креативност на пазарот“, спроведена со поддршка на Амбасадата на Република Словенија. Моделите ги носеа познати личности од јавниот живот. Ова не беше обична ревија – тоа беше патување низ времето, од корените на македонските традиции до денешната креативна сцена.
Вечерта заврши во ритамот на DJ Mongo & Omaru, каде присутните уживаа во after-party кое го продолжи темпото до раните утрински часови./М.М.

You may also like

Comments are closed.