Winter Wonderland со амбасадорите на брендот ги открива историјата и современоста на познатата француска куќа за накит и часовници
Француската куќа за накит и часовници Boucheron, во пресрет на празничната сезона ја претстави кампањата „Winter Wonderland“, реализирана преку серија тематски визуели и настапи на социјалните мрежи, со цел промоција на своите четири иконски колекции пред помладата меѓународна публика.
Кампањата е реализирана паралелно со празничната декорација на историското седиште на Boucheron, на Place Vendôme, а нејзина цел е да ја засили видливоста на куќата во дигиталниот простор и да ја приближи понудата до меѓународната публика, со особен фокус на милениумците и генерацијата Z. Под насловот „Winter Wonderland“, Boucheron ги обединува своите препознатливи колекции во четири различни сценски амбиенти, секој поврзан со поединечен амбасадор na брендот.
Во кампањата учествуваат британската актерка Дејзи Едгар-Џонс (Daisy Edgar-Jones), јужнокорејската актерка Хан-Со-Хи (Han-So-Hee), јапонската пејачка и танчерка Мина (Mina) и турската актерка Дилан Ќичек Дениз (Dilan Çiçek Deniz). Секоја од нив претставува една од колекциите на куќата, а визуелниот пристап се темели на минималистички зимски сценографии, со доминантна употреба на белата, како заеднички визуелен код.
Колекциите Plume de Paon, Quatre, Flèche и Serpent Bohème се прикажани во различни амбиенти – од замрзнати пејзажи до пустински сцени – при што присуството на песочни дини индиректно асоцира на неодамнешното повторно отворање на бутикот на Boucheron во Galleria Mall во Абу Даби.
Најзастапена во кампањата е колекцијата Quatre, лансирана во 2004 година, која со текот на времето се вметна меѓу најпрепознатливите дизајнерски линии на куќата.
Serpent Bohème, една од најстарите и најпрепознатливи колекции на Boucheron, датира од 1968 година и се темели на стилизираниот мотив на змија, претставен преку форма на солза.
Plume de Paon колекцијата, чиј оригинален мотив е дел од архивата на куќата уште од 1860 година, доби современа интерпретација во 2023 година. Инспирирана од пауновото перо, таа се одликува со сложена изработка чија цел е верно да се пренесат движењето, волуменот и финоста на природните пердуви.
Најновата линија во кампањата е Flèche, колекција заснована врз мотив воведен во архивата на Boucheron уште во 1860 година. За есенската сезона 2025 година, креативната директорка Claire Choisne ја прошири колекцијата со осум нови монохроматски парчиња, меѓу кои прстени, алки, ѓердани и брошеви, со што Flèche добива поизразен современ карактер.
Со кампањата „Winter Wonderland“, Boucheron ја користи празничната сезона за систематска презентација на своето наследство и актуелна понуда, комбинирајќи архивски мотиви со современи комуникациски формати и меѓународно препознатливи амбасадори на брендот./М.М.
Фотографии: Boucheron



















