МодаТрендови

Новото лице на Valentino: Интерференции наместо правила

Новиот креативен директор Алесандро Микеле продолжува да ја менува визуелната приказна на Valentino. Со новата колекција за есен/зима 2026/27 неговата позиција станува се појасна. Наместо да се обидува целосно да се вклопи во наследеното, тој ја прифаќа сопствената различност како дел од нејзината иднина.

„Interferenze“ е колекција изградена токму врз таа идеја – врз судирот, преклопувањето и постојаното поместување на границите меѓу она што Valentino бил и она што може да стане.

Самото име „Interferenze“ ја открива суштината на неговиот пристап. Речиси две години по преземањето на креативното раководство на Valentino, Микеле признава дека се чувствува како „интерференција“ во естетската конструкција што ја создал основачот на куќата. Ако Valentino ја претставува совршено усогласената форма, Микеле во неа нарочно внесува отстапување – нешто малку искривено, неочекувано и немирно.

Резултатот е колекција во која класичните елементи на Valentino се соочуваат со разигран, понекогаш дури и провокативен начин на стилизирање. Префинетите парчиња се комбинираат со секојдневни елементи, или со проѕирни ткаенини, а вечерните се јавуваат таму каде што традиционално не би се очекувале.

Женската силуета варира од јасно конструирана до нарочно разлабавена. Кадифе, свила, сатен, чипка, жеоржет и кожа се појавуваат во меѓусебно спротивставени комбинации, додека наборите, драпериите и асиметричните форми внесуваат движење.

Во колекцијата има и јасни потсетници на препознатливиот визуелен јазик на Valentino. Rockstud деталите повторно се присутни, но не како носталгично враќање, туку како дел од новата композиција. Се појавуваат препознатливите чевли и чанти на Valentino Garavani Rockstud Spike, додека накитот добива драматичен карактер преку метал и кристали.

Така, „Interferenze“ не е само уште една колекција во мандатот на Микеле. Таа е своевидна декларација за неговиот Valentino./M.M.

Фото: Valentino, Кендам, Instagram

More in:Мода

You may also like

Comments are closed.