Најновото истражување укажува – квалитетниот сон не е луксуз, туку клучен предуслов за долгорочно здравје и превенција од срцеви заболувања
Истражувањето на Columbia University потврди силна врска меѓу траењето и квалитетот на сонот и кардиоваскуларното здравје, поради што American Heart Association го вклучи сонот меѓу клучните фактори за заштита на срцето
Доволно сон не е луксуз, туку неопходност за здраво срце. Научните докази сè појасно покажуваат дека спиењето помалку од седум часа на ноќ значително го зголемува ризикот од кардиоваскуларни заболувања, како и од низа метаболни нарушувања, предупредуваат истражувачите од Columbia University, чии наоди влијаат и врз глобалните препораки за здрав начин на живот.
Кога станува збор за здравјето на срцето, најчесто се мисли на физичка активност, правилна исхрана и избегнување на цигари. Но, според резултатите од тековната студија на Columbia Mailman School of Public Health, уште еден фактор игра клучна, а често има потценета улога – сонот.
Истражувањето опфатило околу 2.000 возрасни лица, кај кои биле анализирани траењето и ефикасноста на сонот, а резултатите покажале јасна поврзаност меѓу навиките за спиење и состојбата на кардиоваскуларното здравје. Научниот тим утврдил дека краткиот сон, дефиниран како помалку од седум часа по ноќ, е поврзан со повисок ризик од развој на срцеви заболувања.
Нур Макарем, доктор по епидемиологија и водечки автор на студијата, укажува дека лицата со недоволен сон почесто имаат зголемена телесна тежина, дијабетес тип 2 и висок крвен притисок – состојби кои директно го зголемуваат ризикот од кардиоваскуларни болести. Според неа, нездравите навики за спиење ретко се изолиран проблем, туку се дел од поширок здравствен профил со повеќекратни ризици.
Овие сознанија придонесоа American Heart Association официјално да го вклучи сонот во листата Life’s Simple 7, односно, во седумте клучни однесувања за зачувување на здраво срце. Покрај откажувањето од пушење, подобрата исхрана, физичката активност, контролата на телесната тежина, крвниот притисок, холестеролот и нивото на шеќер во крвта, сонот сега се смета за рамноправен фактор во превенцијата на срцевите заболувања.
Стручњаците нагласуваат дека одржувањето на срцевото здравје не зависи само од „активирањето“ на срцето преку вежбање, туку и од квалитетниот одмор. Недостатокот од сон, особено ако е хроничен, го нарушува хормоналниот баланс, го зголемува воспалението во организмот и негативно влијае врз регулацијата на крвниот притисок и метаболизмот.
Покрај траењето, клучен е и квалитетот на сонот. Современите животни навики, како користењето мобилни телефони и други екрани непосредно пред спиење, доцните оброци, консумирањето кофеин и алкохол во вечерните часови, како и работата во кревет, сериозно го нарушуваат природниот ритам на спиење. Научните истражувања покажуваат дека изложеноста на сина светлина ја потиснува продукцијата на мелатонин, хормонот задолжен за заспивање, додека доцното јадење и пиење го скратуваат и фрагментираат ноќниот сон.
Експертите препорачуваат едноставни, но ефикасни мерки: ограничување на користењето електронски уреди пред спиење, избегнување кофеин најмалку шест часа пред легнување, умереност или целосно избегнување алкохол навечер, како и создавање јасна граница меѓу работниот простор и просторот за одмор. Доколку не може да се заспие, се советува напуштање на креветот и практикување смирувачки активности при пригушено осветлување, сè додека не се појави природна поспаност.
Посебно значење има и изложеноста на природна светлина во текот на денот, која го регулира циркадниот ритам и го олеснува заспивањето навечер. Редовниот престој на дневна светлина, дури и кратки прошетки, се покажал како ефикасен начин за подобрување на квалитетот на сонот.
Заклучокот од истражувањата е јасен: здравата исхрана и физичката активност остануваат темел на кардиоваскуларната превенција, но без доволен и квалитетен сон, тие не се доволни. Приоритетот на одморот не е прашање на комфор, туку на долгорочно здравје и заштита на срцето./М.М.


















