Модата од секогаш се издвојуваше на полето дизајн, па затоа решив мојата животна професија да биде токму тоа што најмногу ќе ме исполнува и радува.- Со секоја колекција што ја изложувам сакам да ги поместам границите од стереотипите и да создадем нешто што ќе остави белег, за колекција да биде претпознатлива.

ММ. Заради сето што се случуваше на светот минатата година многу од бизнисите, меѓу кои и модниот поминуваа, па и сеуште поминуваат период на сериозни преиспитувања и барања. Како сето влијаеше и врз вашето работење?

Во тие моменти сфатив дека само долгорочното планирање може да не води напред низ оваа криза низ која поминуваме сите заедно.

Нашата годишната добивка за 2020 година е значително помала од онаа во 2019.

Нашиот бизнис како и многу други беше дирекно погоден од оваа ситуација.

Имавме краток период на затварање на почетокот на пандемијата, на двете ателјеа во Охрид и во Скопје, со цел вработените да бидат дома, на безбедно. Но штом воведоа мерки и правила, се вративме на работа и секојдневно произведуваме маски за донации, ги даваме во болниците кои имаат недостиг, во неколку државни институции и на ранливи категории на граѓани.

Потоа продолживме со нашиот креативен процес, со намален обем на производство но со поголема свесност и одговорност. До ден денес неуморно работиме на нови Bridal & Evening креации, ready-to-wear колекции, како и детски колекции. На некој начин, кога ќе заврши пандемијата, сакаме да сме по спремни и со поголема понуда на пазарот од било кога до сега.

Креација Коцарева

ММ. Дали во овие новонастанати услови може да опстоји професијата дизајнер во Македонија и колку луѓето лани се решаваа да купуваат дизајнерски парчиња?

Само преку објективно гледање на работите зад себе може да одиме напред, учејќи од грешките кои сме ги правеле и начинот на кој сме работеле и придонесувале во бизнисот. Ова беше шанса за сите за размислување и анализирање на досегашната работа.

За мене лично опција за опстанок во оваа ситуација беше адаптирање и прифаќање на новонастанатата ситуација, што подразбира и шанса за модернизирање, дигитализирање и фокусирање на интернет продажба на залихите кои ги имаме.

Направивме нова стратегија, понудивме попуст на сите клиенти за време на карантинот, преку онлајн продажба и бесплатна достава за целиот свет. (Со што, секако, имавме голема заинтересираност поради значително пониските цени) Следно на што работевме беше ready-to-wear колекцијата која вклучуваше секојдневни и уникатни парчиња облека, потоа детската колекција и на крај повторно почнавме да работиме на она по што сме нај претпознатливи -свечените креации. Тие се купуваа за фамилијарни прослави, регистрации, веридби и сл. Во најскоро време очекуваме новости и протоколи за прославите во државата со цел да се вратиме во уште по добро светло на пазарот со повеќе искуство зад себе и уникатни нови креации.

Креација Коцарева

ММ. Кога сме кај дизајнот – можеме ли да се навратиме на вашите почетоци, на поривот за создавање, премрeжјата, она што ве одржало низ годините?

Дизајнот е дефинитивно мојата пасија уште од дете и се она што е поврзано со него. Патот во животот поради надворешни влијанија прво ме насочи кон Архитектурата. По магистрирањето веднаш го запишав модниот дизајн, со желба да си докажам на себеси дека не постои граница и се она што човек ќе посака, може да го оствари. Од секогаш сум сонувала да имам сопствено студио за дизајн. Оние кои што добро ме познаваат знаат дека уште од нај рани години моите иновации во модата беа без граници. Модата од секогаш се издвојуваше на полето дизајн, па затоа решив мојата животна професија да биде токму тоа што најмногу ќе ме исполнува и радува.

Во овие пет години константно и неуморно работење, она што најмногу ме одржува низ годините е мојот неисцрпен извор на идеи што ги искажувам преку моите креации. Со секоја колекција која ја изложувам сакам да ги поместам границите од стереотипите и да создадем нешто што ќе остави белег за колекција да биде претпознатлива.

Креациаја Коцарева

ММ. Како би се опишале себе си – вашиот стил, водечката инспирација за создавањето, највпечатливиот момент, лично чуство на успех?

Мојата работа е мојата пасија. Бидејќи го сакам она што го работам, имам постојан извор на идеи и мотивација што ме тера да давам се од себе. Оваа страст ме натера да се предизвикувам секој ден и да учам нови вештини кои ми помагаат да работам уште подобро. Кога се работи за мојот стил тоа е тешко прашање. Мојот стил е мешавина од моите чувства и се што ме опкружува: пријатели, работа, песни, градови што ги посетувам, филмови и сл. Но, воглавно, би рекла дека тоа е спој на улична мода и класика. Водечка инспирација за создавањето ми се оние креатори кои неуморно работат на своитe креации и постојано напредуваат и еволуираат со нови, храбри и уникатни дизајни. Постојано се присутни на сцената и ги наметнуваат новите трендови на клиентите.

Кога станува збор за највпечатливиот момент во мојата кариера, не би можела да издвојам, бидејќи ги има многу. Од моето прво претставување на пазарот со модна ревија, па се до пробивањето на брендот во други држави. Нашите креации освен во Македонија, можат да се најдат и во Косово и Албанија.

Лично чувство на успех – насмевката на мојот клиент.

Креација Коцарева

ММ. Како би ја опишале модната сцена во Македонија, каде е во споредба со сцената во регионот, како таму се работи – има ли разлики во пазарот?

Модната сцена е под влијание на културата и општествевиот однос и е разновидна во однос на времето и местото. Како моден креатор се обидувам да ги задоволам желбите на потрошувачите, за дизајнирање облеката во зависност од потребите, следејќи ги светските трендови. Во Македонија на модната сцена сметам дека ни недостасува само храброст. Храброста е главен двигател во модата. Треба да се биде храбар за да се биде забележан на модната сцена.

ММ. Дизајнер во Македонија и дизајнер во големиот свет – може ли да се направи паралела?

Јас би се одлучила за дизајнер во Македонија кој работи глобално за големиот свет. Е тоа е вистинско достигнување. Да слушне светот за Македонија и за талентите на луѓето тука. Има огромен број на иновативни луѓе кои, за жал, неможат да го истакнат својот квалитет во пошироки рамки поради ограниченоста на нашиот пазар, за разлика од пазарот во поголемите држави, каде можностите за успех се многу поголеми.

Креација Коцарева

ММ. Треба ли да се верува дека соништата се остваруваат кога ќе станеме достојни за нив. Кои се вашите за годинава?

Секако. Јас никогаш не се откажувам од моите соништа, веројатно затоа и опстанувам.

Мојот сон и за 2020 беше ширење на брендот во Србија, кој за жал не се оствари поради тоа што се случи со целиот свет, така што останува и за оваа година како моја цел на која би работела, се разбира доколку како што најавуваат би се средила ситуацијата во најкраток можен период. /М.М.

 

Моника Коцарева Ергич е на www.kocareva.com,

ФБ страна Atelier Kocareva,

инстаграм @atelierkocareva.

You may also like

Comments are closed.