Флуидната фасада на објектот на Louis Vuitton во Санлитун, инспирирана од висока мода и кинеската зен-традиција, ја редефинира улогата на продажниот простор
Во трговската зона Санлитун, во самиот урбан центар на Пекинг, отворен е новиот Louis Vuitton Sanlitun – впечатлив четирикатен објект чија архитектура претставува редок спој на мода, уметност и источна филозофија. Проектот е дело на јапонското архитектонско студио Jun Aoki & Associates, кое веќе четврт век соработува со Louis Vuitton на глобално ниво.
Фасадата на зградата се издвојува со својата форма и е обложена со дихроични огледала што ја менуваат бојата во зависност од аголот на светлината, движењето на сонцето и сезонските промени. Louis Vuitton објектот го опишува како „калеиодоскоп поголем од животот“, визуелно искуство што постојано се трансформира.
Архитектонскиот концепт е инспириран од фустан дизајниран од Никола Жескиер, уметнички директор на женските колекции на Louis Vuitton, кој беше претставен на ревијата за пролет–лето 2016 година. Според брендот, фасадата е замислена како „елегантна, светлосна и проѕирна облека“ што го следи поетскиот однос меѓу формата, светлината и движењето.
Покрај модната референца, Аоки длабоко навлегува и во кинеската културна традиција. Како клучна инспирација ја наведува тахиху камената форма, позната и како „камен за ученичка контемплација“ или гонгши – природни карпи со флуидни облици и порозни површини, често присутни во класичните кинески градини и препознаени како симбол на зен-естетиката. Токму духовната суштина на камените форми во кинеската традиција била почетната точка на проектот.
Фасадата е составена од два слоја: внатрешна обвивка што обезбедува изолација и надворешна, формирана од 315 рачно обликувани стаклени панели, поставени како архитектонска чипка. Благодарение на напредните компјутерски технологии, тимот постигнал исклучително сложена тродимензионална форма, со високо ниво на прецизност и оптимизација.
Внатрешниот простор на Maison Louis Vuitton Sanlitun е распореден на четири нивоа и ги вклучува сите линии на брендот. На најгорниот кат се наоѓа првото Louis Vuitton кафуле во Пекинг, дизајнирано од интерниот тим на брендот во соработка со барселонското студио Astet Studio. Кафулето располага и со пространа тераса со бар на покривот, заштитена од фасадата и отворена кон панорамата на градот. /M.M.
Фотографии: Louis Vuitton.




















