Марија освен моделингот, студира бизнис и логистика, се занимава со глума и – балерина е!

Мислам дека соништата се остваруваат тогаш кога навистина од се срце ги посакуваш, вели Марија. Моите планови беа да одам во Кина, да се пласирам на нивниот пазар, но тоа се откажа, поради светската криза со корона вирусот 

ММ: Како би ја опишале модната сцена во Македонија, каде е во споредба со сцената во регионот, што  би било карактеристично за регионалниот моден простор?

За Македонската модна сцена би кажала дека може многу повеќе, секако само доколку добие поддршка и поголеми услови од страна на државата. Во однос на тоа каде е во споредба со сцената на регионот, можам да кажам дека цели натаму и, секако, самата соработка со регионот носи пласман на светскиот пазар. Карактеристично за регионалниот моден простор се нивните строги и јасни барања за тоа каков треба да биде всушност еден модел. 

ММ: Колку се смени животот откако ја започнавте кариерата на модел?

Се смени, секако, на позитивно, на поубаво. Го правам тоа што ме исполнува. Секако, ме прави подобра личност, позрела. Во однос на начинот на живот и изгледот, кои се најбитни сегменти на еден модел, јас можам да кажам дека од секогаш внимавам и се хранам здраво. Така што, би рекла, дека тоa е повеќе мој начин на живот. 

ММ: Со што се занимавате покрај моделингот?

Моментално студирам бизнис и логистика, се занимавам со глума и уште еден интересен факт за мене, балерина сум. Односно завршив средно балетско училиште.

ММ: Модел во Македонија и да се биде модел во големиот светот – може ли да се направи паралела?

Светските модни индустрии, сцената и моделите, се светлосни години пред нас. Кај нас во Македонија во однос на барањата во однос на еден модел, тие и не се барања до крај, а и исполнувањата не се  исполнети до крај, туку онака, доволно и солидно, во доменот на она што е добро и задоволително. Секако, секогаш може подобро. 

ММ: Со кого би сакале да соработувате во иднина?

Секоја соработка треба да биде вреднувана и ценета и важна за нас. Но, како и секој модел, би сакала со светски познати брендови Dior, Chanel, Oscar de la Renta, Prada …  и сл. 

ММ: Кои се добрите и лошите страни на моделингот? Колку жртви се потребни за да се влезе во светскиот моделинг?

Како секоја работа, така и моделингот си носи добри и лоши страни. Како една од добрите страни би издвоила тоа што самата работа, пред се, налага добар и здрав начин на живот, што реално секој сака да го има и да го води тој начин. Исто така, и успехот кој следи по секој ангажман, ревија и слично. Додека како лоша страна, би го издвоила фактот дека и покрај целиот труд, често не се добива она што било очекувано. Оваа работа бара жртва и посветеност, многу работа сам со себе и многу верба во себе.

ММ: Како го опишувате вашиот личен стил на облекување?

По малку classy со некои примеси на се она што е во тренд и удобно. 

ММ: Ваш совет за сите оние кои сакаат да станат модели.

Верба во себе, труд, нема откажување, балансирање, а не одење од една крајност во друга и, секако, како за крај, би кажала – се е до психата. 

ММ: Треба ли да се верува дека соништата се остваруваат кога ќе станеме достојни за нив. Кои се вашите планови за годинава?

Какви ти се мислите, таков ти е животот. Затоа мислам, дека соништата се остваруваат тогаш кога навистина од се срце ги посакуваш. Моите планови беа да одам во Кина, да се пласирам на нивниот пазар, но поради светската криза со корона вирусот се откажа. Така да, се надевам, на повеќе здравје, а другото полека./М.М.

More in:Модели

You may also like

Comments are closed.