Иако веќе добро етаблирани на македонската модна сцена, нашите препознатливи лица Ивана Караџова и Андреј Пајмакоски тргнаа да го освојат кинескиот моден пазар.
Караџова ја паметиме кога во 2016 стана Лице на Годината и од тогаш не престанува да го гради своето портфолио и да биде дел од сите позначајни македонски модни случувања. Од неодамна нејзината матична агенција “Models In Management” во договор со белградската “Fox Models” одлучија да ја пласираат на интернационалниот моден пазар. Така, од пред два месеца, таа се наоѓа во Кина, каде што работи за познатата модна агенција Ustyle Models со која има потпишано договор до март 2022 година. Зависно од обемот на нејзината работа и ангажманите може да се случи договорот да и биде продолжен, истакнува Алек Наумовски од Models In Management.
Пред да замине за Кина Андреј Пајмаковски веќе имаше интернационална кариера. Пред пандемијата тој престојуваше во Барселона, каде што беше застапуван од познатата шпанска модна агенција “Two Management”.
По долги преговори, неговата матична агенција од Скопје, со модната агенција “Demons” од Белград, донесоа одлука да го пласираат во Кина. Андреј престојува во Гуангжоу, во престижната модна агенција “Youth Model Management”, истакнува Наумовски.
Двајцата наши препознатливи модели имаа успешен старт во далечната Азија. Андреј изработи кампања за наочари и сликаше комерцијален каталог за познатиот спортски бренд “Fila”. Додека пак Ивана се појави како заштитен лик за кинески моден бренд. Ако кажеме дека младоста и убавината одат рака под рака тоа значи дека нема граници за нивните успеси./М.М.