InterContinental Shanghai Wonderland – архитектонско чудо во напутениот каменолом во близина на Шангај
Во близина на Шангај, во округот Сунѓијанг, изграден е еден од најинвентивните хотели во светот – Intercontinental Shanghai Wonderland, сместен во напуштен каменолом. По тринаесет години изградба, бројни измени во дизајнот и повеќекратни одложувања, овој луксузен хотел на гостите им нуди искуство што ги надминува стандардите на хотелската индустрија.
Изграден во 88 метри длабока јама исполнета со вода, хотелот има вкупно 18 ката, од кои 16 се под земја, а два се целосно под вода, во десетметарски аквариум. Со 336 соби и спектакуларен поглед кон вештачкиот водопад крај карпите на каменоломот, комплексот нуди невообичаена комбинација на луксуз, авантура и хармонија со природата.
Архитектот Мартин Џоуман, познат по проектот на кулата Burj Al Arab во Дубаи, изјави дека ова е неговото „животно дело“ и најзначајната градба во неговата кариера. „Оваа уникатна можност ми даде инспирација да го преосмислам односот меѓу градот и природата“, изјави Џоуман, истакнувајќи дека хотелот е дизајниран со минимално влијание врз околината.
Зелениот покрив го поврзува објектот со природниот пејзаж и служи како простор за прошетки и релаксација. Хотелот користи обновливи извори на енергија – геотермална и соларна – со цел одржливо функционирање.
Освен несекојдневен пејсаш што остава без здив, Intercontinental Shanghai Wonderland има и авантуристички спортски центар каде што посетителите можат да се обидат во слободно искачување, бенџи скокови, водени спортови или прошетка по стаклената патека на работ од каменоломот.
Цените на ноќевањата се од 500 до 860 долари, а искуството што го нуди овој подземен хотел се смета за едно од најспектакуларните достигнувања во современата архитектура./М.М.
Слики: InterContinental Shanghai Wonderland





















