Инспирирана од филмот Сенки на режисерот Милчо Манчевски, креативката и модната стилистка од Битола, Надица Бицева-Димитровски, ја создаде новата колекција накит, наречена „Коски”. Таа создава преку нејзиниот бренд „Ателје Креација”, како спој на уметничко творештво и културата.

– Колекцијата „Коски” е визуелно олицетворение на кревкоста наспроти цврстината. Во модата поимите рибина коска, слонова коска, не се непознати, во мојот дизајн ги употребив и ги претставив во авангардна форма, појаснува Надица Бицева-Димитровски.

Надица Бицева-Димитровски

Сите производи се изработени од репроматеријали и помошна галантерија, со висок квалитет и европски стандард.

– Целата колекција „Коски” е во основа изработена од полимерна глина. Акрилните бои, кожа, фолија и циркони го надополнуваат дизајнот. Како и сите претходни, така и оваа колекција е наменета за зрели жени кои имаат изграден стил и сакаат да го надополнат со впечатливо парче накит, вели Бицева-Димитровски.

Надица дизајнира авангарден накит од текстил и глина, но повремено изработува и модни додатоци, поточно пластрони, фасцинатори, лептир машни, марами…

– Моите колекции се пласирани за продажба на американскиот пазар, на платформата Clothia, а за европски пазар во AIF Showroom – Лугано, вклучително и на нивната платформата Architecture in Fashion. Она што е Best Seller во Америка, не е и во Македонија, така што разликата е воочлива при избор на производ, додава Бицева-Димитровски.

Во процесот на изработка таа секогаш прво подготвува комплетно модно досие, од наслов до mood board и технички скици, а потоа го изработува накитот кој има повеќе етапи во процесот на изработка, од моделирање на глината до крајниот изглед на производот.

Таа е дел од во проектот „Мерки за зајакнување на женски бизниси по Ковид-19″ спроведен од Центарот за управување со промени – ЦУП а поддржан од Balkan Trust for Democracy./М.М.

 

You may also like

Comments are closed.