ЗдравјеУбавина и здравје

Колку навистина е опасна Микропластиката

Микропластиката е насекаде – од човечкиот мозок до водата што ја пиеме – но науката сѐ уште нема конечен одговор за тоа колку е опасна по здравјето

Ова е пораката што ја испраќаат експертите по најновиот бран загриженост што се појави откако студија објавена во списанието Nature Medicine укажа дека во човечкиот мозок може да се акумулира количество микропластика со тежина еквивалентна на пластична лажица. Овие честички веќе се пронајдени во крвта, белите дробови, како и во плацентата.

Податокот предизвика глобална вознемиреност, лавина од реакции на социјалните мрежи и појава на нов бизнис околу „детоксикација“ од микропластика.

Истражувачката на микропластика и основачка на апликацијата MicroplasticFree, Дана Жахиликова, укажува дека честичките се практично насекаде: во океаните, во водата за пиење, во ткаенините, во домашната прашина. „Нивното присуство е веќе дел од нашата секојдневна животна средина“, вели таа.

Загрижувачки индикации

Иако присуството на микропластика во човечкото тело е потврдено, експертите предупредуваат дека науката сѐ уште нема доволно цврсти докази за директна причинско-последична врска меѓу микропластиката и одредени болести.

Дел од научната заедница укажува на загрижувачки индикации. Раните лабораториски истражувања, вклучително и студија од 2024 година објавена во Life Sciences, сугерираат дека микропластиката може да предизвика воспалителни процеси и оштетување на ДНК кога доаѓа во контакт со клетките. Тоа отвора прашања за можната поврзаност со порастот на одредени заболувања, како што се ракот на дојка и дебелото црево кај помладата популација.

Бизнис на стравот

Паралелно со научната дебата, на пазарот се појавуваат и контроверзни услуги кои ветуваат „чистење“ на организмот од микропластика. Медицинската технолошка компанија Clarify Clinics, на пример, тврди дека нуди третман за отстранување на микропластика од крвта со помош на активен јаглен и сопствен „плазма уред“, по цена од околу 13.000 долари. Меѓу клиентите, според медиумски извештаи, бил и актерот Orlando Bloom.

Експертите, меѓутоа, се категорични дека ваквите практики во моментов немаат научна поткрепа. „Нема докази дека ваквите интервенции се неопходни, ниту дека се ефикасни“, предупредуваат тие.

Наука и бизнис

Бизнисот има најчесто  сложено и индиректно влијание врз истражувањата за микропластиката. Станува збор за индустрии вредни илјадници милијарди долари – од петрохемија и пакување до текстил и медицина – што неизбежно создава притисок врз тоа кои теми се финансираат, како се поставуваат истражувањата и како се толкуваат резултатите. Наместо долгорочни токсиколошки студии со можни регулаторни последици, често се поддржуваат „побезбедни“ теми како рециклирање, иновации и технолошки решенија.

Истовремено, кај дел од индустриски финансираните истражувања се забележува тенденција ризиците да се формулираат повнимателно и со јазик што ги релативизира наодите, иако самите податоци покажуваат биолошки ефекти. Преку лобирање, дополнително се одложуваат регулаторните реакции со постојано инсистирање на „уште докази“ и „уште консензус“ – стратегија веќе позната од историјата на тутунот и азбестот.

Клучната поента е дека науката како метод не е компромитирана, но системот во кој функционира е под постојан економски, политички и медиумски притисок. Денес веќе постојат докази дека микропластиката е присутна во човечкото тело и индикации за потенцијални биолошки штети, но недостигаат големи, долгорочни клинички студии – токму оние што се најскапи и најтешки за финансирање без силна јавна и политичка поддршка.

Разумни чекори

Засега експертите препорачуваат неколку едноставни и разумни промени со кои може да се намали изложеноста на микропластика. Се советува да се избегнува пластичен прибор за јадење, особено при контакт со топла храна, бидејќи топлината го забрзува распаѓањето на пластиката. Препорачливо е користење дрвени даски за сечење, дрвени или метални прибори за готвење, како и избегнување пластични шишиња за вода и хартиени чаши со пластична обвивка.

И синтетичката облека, особено спортската, може да ослободува микропластични влакна при перење, па затоа се препорачуваат покуси циклуси и перење на пониски температури. Честото чистење на домот може да помогне, бидејќи микропластиката се задржува во домашната прашина.

Промената на навиките кон помалку пластика во секојдневието може да биде разумен и одговорен чекор. Чистењето на крвта од микропластика, барем засега, останува повеќе дел од маркетингот отколку од медицината./M.M.

You may also like

Comments are closed.