Откако викендов во Кабул беа соопштени новите правила на облекување и условите за натамошно образование на жените во Авганистан, проследени со про-талибански митинг и стотици жени со црни никаби и мали талибански знамиња, уследи експлозија на незадоволство на социјалните мрежи.
Имено, нивниот изглед предизвика кампања на социјалните мрежи од други авганистанки, кои инсистираат дека црните бурки и никабот не се дел од авганистанската култура.
Историчарот, д -р Bahar Jalali објави слика на Твитер облечена во традиционален авганистански фустан.
Додека фустанот е скромен, со должина на подот, со долги ракави и висока крагна, исто така е и шарен и главата и рацете не се покриени. Фустанот е од зелена свила, а торзото е розово, со зелени и виолетови везови.
Твитот, кој има над 15.000 допаѓања, ги инспирира другите авганистанки да споделат фотографии од сопствените фустани.
Традиционалната авганистанска облека се состои од фустан со долги ракави, со полно здолниште, познат како камиз или фирак и широки панталони наречени партуг.
„Црна облека, бурка и никаб не беа и никогаш не биле дел од авганистанската култура“, вели Захра Султани, авганистанска бегалка во Канада, со слика од себе и три други жени. „Еве неколку различни видови на традиционална авганистанска облека за жени. Шарена е, скромна, практична и што е уште поважно, убава “, рече таа. На фотографијата, таа носи темно виолетова и розова облека извезена со цвеќиња и сребрен ѓердан. Останатите жени, исто така, носат традиционални облеки во смели бои како зелена, црвена и розова.
„Нашата традиционална облека не е таа на која Талибанците инсистираат“, велат жените на социјалните мрежи.
Правата на жените во Авганистан беа остро ограничени во периодот на владеењето на талибанците, од 1996 до 2001 година. Откако се вратија на власт минатиот месец, тврдат дека ќе спроведуваат помалку екстремни правила. Така, министерот Абдул Баќи Хакани за новите правила во образованието, според Ројтерс, изјави: „Немаме проблеми со ставање крај на системот за мешано образование. Луѓето се муслимани и ќе го прифатат тоа“.
Хакани рекол и дека „верските превези на хиџаб“ ќе бидат задолжителни за жените, но тој не прецизира дали тоа значи хиџаб што ја покрива само главата, или го покрива и лицето. Според новите правила, жените може да работат „во согласност со принципите на исламот“, но талибанците, се уште не дадоа детали за тоа што точно тоа може да значи./М.М.