Со заминувањето на основачот на Valentino, светската мода губи еден од последните големи автори на класичната висока мода
Валентино Гаравани, еден од највлијателните креатори во историјата на светската мода и основач на модната куќа Valentino почина на 93-годишна возраст во Рим, а веста ја потврдија блиски соработници и фондацијата што го носи неговото име.
Валентино Клементе Лудовико Гаравани е роден во 1932 година во Вогера, Италија. Модното образование го започнал во Милано, а потоа во Париз, каде што работел во ателјеата на Жан Десе и Ги Ларош. По враќањето во Италија, во 1959 година, ја основал својата модна куќа во Рим, заедно со Џанкарло Џамети, кој со децении беше негов најблизок соработник и деловен партнер.
Во текот на повеќе од пет децении активна кариера, Валентино изгради препознатлив естетски јазик заснован на префинета елеганција, совршени силуети и луксузна изработка. Посебно место во неговото творештво зазема таканаречената „Valentino red“, нијанса на црвена што стана симбол на брендот и еден од најпознатите визуелни кодови во историјата на модата.
![]()
Неговите креации ги носеа некои од највлијателните жени, меѓу кои Жаклин Кенеди Онасис, Елизабет Тејлор, принцезата Дајана, Софија Лорен, Џулија Робертс, Гвинет Палтроу и многу други. Валентино беше синоним за висока мода во нејзината класична смисла – дисциплина, рафинираност, култура на облекување и длабока почит кон занаетот.
Покрај модата, Валентино имал и други страсти: бил познат како голем љубител на уметноста, колекционер, а неговата фондација во Рим во 2025 година отвори галерија – PM23 Gallery – со изложба „Horizons | Red“ посветена на црвената боја како симбол на убавината и креативноста.
Во 2008 година официјално се повлече од активната работа со голема проштална ревија во Париз и со документарниот филм Valentino: The Last Emperor, како визуелен увид во неговиот живот, неговата филозофија, ритуалите и работниот ентузијазам. Неговото наследство продолжи да живее преку модната куќа Valentino, која и понатаму е еден од водечките глобални модни брендови.
По објавувањето на веста за неговата смрт, бројни дизајнери, модни уредници, јавни личности и институции од Италија и од светот упатија изрази на почит, оценувајќи дека заминувањето на Валентино претставува крај на една епоха во која модата беше не само индустрија, туку и висока култура.
Со неговата смрт, светот на модата останува без еден од последните големи автори на класичната висока мода, чие творештво трајно ќе остане дел од културната историја на дваесеттиот век.
Фотографии: сајтот на Valentino



















