Жербо коцките се традиционален унгарски десерт кој импресионира со својот вкус. Постојат бројни варијанти на овој колач – традиционални и оние поедноставни, со помалку состојки. Нашиот се потпира на традиционалниот рецепт, но е и малку збогатен – се надеваме дека ќе ви се допадне!
Состојки потребни за тестото:
- 200 гр. путер,
- половина пакување свеж квасец,
- 100 гр. шеќер во прав,
- малку сол,
- три жолчки,
- прашок за пециво,
- 150 мл. јогурт,
- 500 гр. брашно,
- рендана кора од портокал.
Состојки потребни за филот:
- 400 гр. џем од кајсии,
- 200 гр. мелени ореви,
- 100 гр. шеќер во прав.
Подготовка:
Се матат путерот со шеќерот, па им се додаваат жолчките. Кога сместа ќе се соедини, се додава квасецот, прашокот за пециво, брашното, ренданата кора од портокал, солта и јогуртот и се замесува не многу лепливо тесто. Кога убаво ќе се измеси, се витка во фолија и се остава да одмори, во фрижидер, 30 минуи. Потоа тестото се вади од фолијата и се дели на четири топчиња. Од секое топче, на набрашнета површина, се сука кора.
Во плех со димензија 40цм Х 25цм, се става една кора, се боцка со вилушка, се премачкува со џем од кајсии и се посипува со мелени ореви, измешани со шеќер во прав.
Оваа постапка се повторува со сите топчиња. Кога ќе се стави, последната – четвртата кора, се боцка со вилушка и така подготвен, колачот се става во рерна загреана на 180 Ц и се пече 30 минути (да добие златеста боја).
Кога ќе се олади се посипува со чоколаден прелив.
Подготовка на чоколаден прелив:
Се топат 100 гр. путер со 4 лажици шеќер во прав, 4 лажици какао, 4 лажици вода. Се меша се до соединување на глазурата, за потоа да се нанесе на колачот.
Наздравје!/Б.Б.