Уметничката галерија Ел Греко од Скопје подготви изложба на Мерсад Бербер – еден од најреспектираните уметници на поранешна Југославија. На изложбата, која ќе се отвори на 30 ноември, вторник, во 19.00 часот, ќе бидат претставени 23 графички листови, дел од нив во комбинирана техника, а дел во техниката glicée. Изложбата ќе биде поставена до 20 декември годинава
Мерсад Бербер на нашите простори за последен пат е претставен пред речиси 40 години. На ликовната сцена се појавува во 60-те години на минатиот век и веднаш почнува да постигнува врвни резултати, да освојува многубројни меѓународни награди на престижни биеналиња и триеналиња за графика, трасирајќи интернационален успех и визибилност во кариерата.
Мерсад Бербер е од малото место Босански Петровец, во Босна и Херцеговина. Има постигнато врвни резултати во разновидни уметнички медиуми и дисциплини, меѓу кои се истакнува графиката, која му е специјализиран медиум. Со стекнати знаења и обуки на до-дипломски и магистерски студии на Академијата за ликовни уметности во Љубљана, се преставува и во сликарството, цртежот, илустрацијата, сценографијата и костимографијата.
Маестралноста на Бербер е во неговата моќ да ги скенира најзначајните моменти од локалната, подалечна или поблиска историја и традиција, како и на, за него, најзначајните примери на уметници и дела низ вековите, за потоа да ги искомбинира, уметнички да ги трансформира и исколажира на мошне впечатлив, постмодерен начин. Неверојатна е неговата моќ за поврзување на старото и новото, на Истокот и Западот, на класичното и современото, на исламското и христијанското, на ренесансата, нејзината обнова во нео-класицизмот, на експресионизмот и сецесиозмот , за да ги преточи во современата цитатност и преобразба, низ дела кои освен со својата комплексна техничка постапка и сликарска (цртачка виртуозност) го носат и белегот на сижејна концентрираност во која се преплетуваат многуслојни поврзани, преклопени или кадрирани нивоа на читливост како полифонични панели./M.M.