Манифестација „Бела ноќ“, која се одржа во саботата на повеќе локации низ Скопје ги исполни културните јадра со посетители – тие имаа можност да уживаат во изложби, проекции, поетски читања, перформанси, работилници …

Пред Даут-пашиниот амам, кадешто беше поставена изложбата на Димитар Кондовски, можеше да се забележи 150-метарска редица, а фестивалот „Десонанз“ ја преполни Кинотеката. Одлични реакции кај публиката предизвика групната изложба на 13 домашни автори од различни ликовни изрази во сутеренот на ГТЦ, наречена „Сообраќаен инсектариум – ПајакАрт“.


Во МКЦ се одржа „Скопје винил конвеншн“ и перформанс на Франк Масон, менталист и психички забавувач од Нирнберг, Германија. Детскиот културен центар „Карпош“ заедно со Зоолошка градина ги анимираше најмладите со „ЗОО Азбука“. Библиотеката „Браќа Миладиновци“ организираше креативни работилници за деца, поетско читање, клуб на читатели и музичка програма.

Во Музејот на современа уметност можеше да се види ретроспективната изложба на Симон Узуновски „Пат за Волкодери“ и самостојната изложба на Јана Јакимовска „Ретро:телесни ретроспективи“. Во спомен-куќата на Мајка Тереза можеше да се види постојаната изложба и изложбата „Мисионерка на милосрдието – Спомените за Мајка Тереза во Државниот архив“. Во Музејот на македонската борба можеше да се види изложбата „Скопје со културните добра“, а во Музејот на Република Северна Македонија постојаната етнолошка поставка, постојаната историска поставка –„Македонците бегалци од Втората светска војна и Граѓанската војна во Грција 1940-1949“ и времената изложба – „Гозби за живите и предците, боговите и светците“./М.М.

 

More in:Вести

You may also like

Comments are closed.