
Stella McCartney, Schiaparelli и Zomer ги поставија највисоките стандарди на сезоната пролет/лето 2026 година
Париската модна недела за сезоната пролет/лето 2026 година ја потврди својата репутација како највлијателна светска модна сцена. Одржана во срцето на француската престолнина, донесе силна енергија на промени, со дизајнери кои низ креациите зборуваат за одржливоста, иден идентитет на модата и нејзино враќање кон суштествените вредности – уметноста, емоцијата и визијата.
Во текот на неделата беа претставени повеќе од 70 колекции на кои одржливоста како да им беше заеднички именител низ различни пристапи: од еколошки свесни материјали, преку рециклирани ткаенини, до хибридни форми што спојуваат минимализам со носталгија од 70-тите и 80-тите години.
Новите креативни насоки во дел од историските модни куќи донесоа нови прочитувања на класиката, додека младите имиња ја раздвижија сцената со експерименти и визуелна храброст.
Меѓу највпечатливите претставувања беа ревиите на Stella McCartney, Schiaparelli и Zomer – три сосема различни, но подеднакво влијателни модни визии што ја одбележаа Париската модна недела.
Колекцијата на Stella McCartney повторно ја постави модата во контекст на одговорност и свесност. Дизајнерката понуди револуционерна линија со целосно одржливи материјали, создадени без употреба на кожа или свила од животинско потекло, комбинирајќи чисти линии со лесна, органска елеганција.
Нејзината ревија беше проследена со одушевување и стоечки аплауз, а критичарите ја нарекоа „победа на совеста во модата“.
Schiaparelli пак ја одведе модата во светот на фантазијата и уметноста. Под креативното водство на Daniel Roseberry, брендот создаде колекција што ги спои класичните силуети со авангардни структури, метални акценти и необични материјали.
Естетиката беше моќна, со нагласена женственост и драматичност што потсетува на уметничките корени на легендарната Elsa Schiaparelli.
Новото име Zomer беше вистинското изненадување на неделата. Претставеното на ревијата беше експлозија на боја и младешка слобода – широки кроеви, силни контрасти и XXL детали што ја претворија пистата во визуелна прослава на индивидуалноста.
Колекцијата доби одлични критики за свежината и енергијата, и беше прогласена за една од најрадосните ревии на годинешното модно издание.
Со претставеното Париската модна недела, остава впечаток дека модата влегува во нова фаза – каде што естетиката и етиката конечно се усогласуваат, а оригиналноста повторно се вреднува како највисока форма на изразување./M.M.