Uncategorized

Крај за Coperni – брендот што создаваше фустан прскајќи го врз тело

Француската модна куќа Coperni ги прекина деловните активности откако нејзините основачи не успеаја да го решат долгогодишниот спор со мнозинскиот акционер и ексклузивен дистрибутер Tomorrow Ltd. Веста ја соопштија дизајнерите Себастијан Мејер и Арно Вајан, кои изразија жалење што не успеале да најдат решение за да го зачуваат брендот.

Крајот на Coperni претставува загуба за модната сцена, особено поради препознатливиот пристап на неговите основачи, кои ја спојуваа модата со технологијата, научните иновации и несекојдневните сценски презентации.

Мејер и Вајан го основаа Coperni во 2013 година, за по периодот во кој работеа како креативни директори на Courrèges, во 2018 година повторно го активираат сопствениот бренд. Нивната идеја беше да создаваат современа облека со чисти линии, архитектонски форми и технолошки иновации, со што постепено изградија препознатлив идентитет.

Светската слава ја стекнаа во октомври 2022 година, кога на ревијата за пролет-лето 2023 во Париз, моделот Бела Хадид се појави на модната писта во долна облека, а пред публиката врз нејзиното тело беше нанесен специјален материјал од кој беше обликуван бел фустан. Стануваше збор за технологија на Fabrican, материјал во форма на спреј кој по нанесувањето создава ткаенина. Настанот стана еден од најсподелуваните модни моменти во последните години.

Mеѓу препознатливите креации на брендот е и чантата Swipe, инспирирана од движењето за отклучување на екранот на паметните телефони. Дизајнерите постојано експериментираа со нејзината форма и материјали, а во 2024 година ја претставија и Air Swipe Bag, изработена од силика аерогел – исклучително лесен материјал што се користи и во вселенските истражувања.

Но, зад креативниот успех се развиваше сè посериозен деловен конфликт. Tomorrow Ltd., кој од 2019 година беше мнозински акционер и ексклузивен дистрибутер на Coperni, се најде во спор со основачите околу исплатите и финансиските обврски кон брендот. Според тврдењата на Мејер и Вајан, неисплатените средства ја довеле компанијата во тешка финансиска состојба и го загрозиле нејзиното функционирање.

Во февруари годинава Coperni се повлече од Париската модна недела, наведувајќи дека односите со Tomorrow значително се влошиле и дека брендот повеќе нема услови да го поддржува својот развој. Во март Tomorrow беше преземен од италијанската холдинг-компанија Progetto 11, поврзана со The Level Group. Основачите се обидоа повторно да ја преземат контролата врз брендот, но не успеаја да постигнат договор.

Во јуни Coperni доби судска заштита во Франција, со цел да продолжи да работи додека се бара решение за финансиската и сопственичката криза. Сепак, преговорите не донесоа резултат, по што основачите одлучија да ги прекинат активностите на Coperni SAS, француската компанија што стои зад брендот.

Во својата порака, Мејер и Вајан им се заблагодарија на соработниците, тимовите, производителите, купувачите и сите што ја поддржувале нивната работа. Нивното обраќање го завршија со „Се гледаме наскоро“, оставајќи простор за нови заеднички креативни проекти.
Засега останува неизвесна иднината на името Coperni и можноста брендот повторно да се појави под поинакви деловни околности.
Фото; Coperni, Instagram

You may also like

Comments are closed.