
„The Devil Wears Prada 2“ – модна револуција на големото платно
Нескриена возбуда предизвикува продолжението на култниот филм The Devil Wears Prada, кое е закажано за премиера на 1 мај 2026 година. Со враќањето на Мерил Стрип како Миранда Пристли, Ен Хатавеј како Андреа Сакс и Емили Блант како Емили Чарлтон, филмот најавува нови погледи на светот на модата и динамиката зад сцената.
Дејствието на филмот се одвива речиси 10 години по првиот филм и најверојатно позајмува и од продолжението на книгата, од 2013 година, „Одмаздата носи Прада: Ѓаволот се враќа“. Се очекува со сценариото да и биде одадена почит на главната уредничка на „Вог“, Ана Винтур, која е инспирацијата за ликот на Миранда, а која неодамна се повлече од својата функција.
The Devil Wears Prada 2 ќе ја прикаже борбата на класичното списание „Runway“ со современите дигитални предизвици, отсликувајќи ги темелните промени што ја менуваат модната индустрија. Новиот заплет ја следи трансформацијата на ликовите и нивниот однос кон традицијата и новите трендови.
Овој филм не е само ново остварување за љубителите на кинематографијата, туку и можност за критичка рефлексија врз еволуцијата на модата како културен феномен. Во време кога дигиталната култура ги менува вредностите и естетиката, продолжението ќе им понуди на гледачите не само забавен, туку и продлабочен поглед кон тоа како модата се приспособува, опстојува и инспирира.
Со силниот актерски состав и внимателно осмислената приказна, „The Devil Wears Prada 2“ ветува да стане референца за иднината на модниот наратив во филмот и пошироко – како огледало на општествените и културните текови.