
На 4 октомври, во Public Room, локалните производители и традиционалните вкусови ќе бидат на едно место
Во сабота, на 4 октомври, од 10 до 18 часот, во Public Room – Јавна Соба, ќе се одржи четвртото издание на Фестивалот на биодиверзитетот, организиран од Слоу Фуд Водно со поддршка на Слоу Фуд Македонија. Настанот ќе биде празник на локалното производство и зачуваните автохтони сорти, како и поддршка за малите производители кои ги чуваат традициите и ги следат современите вредности.
Овој пат во фокусот е планинскиот чај, со своите лековити и мирисни својства што ќе ги претстави Самет Абдули од Ростуше, Маврово, познат како чувар на билкарската традиција. Посетителите ќе имаат можност да се запознаат и со семенските топки од Бостание – општествената градина која поттикнува враќање на природата во секојдневието.
Програмата вклучува и магионичарски настап за најмладите, работилница за кисело тесто од Артисан пекара Пан Пан, како и богата музичка програма со DJ Soul Case. На фестивалот ќе учествуваат повеќе од 25 Слоу Фуд производители од цела Македонија, претставувајќи вкусови и приказни од различни краеви на земјата.
Настанот е поддржан од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство./М.М.