Култура на живеењеММ кујна Bobe's bakery

Реден колач

Потонете во задоволството на овој слоевит десерт: ред тесто, ред кремаст фил од ореви, бадеми и лешници со млеко, ред тесто, ред освежителен слатко-киселкаст џем од малини, ред тесто, ред песоклив фил од маак што ни го подготви Јованка Јанкоска Бобе. Совршена хармонија на вкусови и текстури што ќе ве маѓепсаат!

Состојки:

  • 600 гр. брашно
  • 3 жолчки
  • 250 мл. млако млеко
  • пола коцка свеж квасец
  • лажица шеќер
  • 150 гр. омекнат путер

Прв фил:

  • 200 гр. мелен афион
  • 200 мл. млеко
  • 150 гр. шеќер
  • 2 лажици мед
  • рендана кора од лимон

Втор фил:

  • 300 гр. малини
  • 150 гр. шеќер

Трет фил:

  • 100 гр. мелени бадеми
  • 100 гр. мелени лешници
  • 100 гр. мелени ореви
  • 150 мл. млеко
  • 100 гр. шеќер

Подготовка:

Тесто: Свежиот квасец се раствара во млако млеко, му се додава, лажица брашно и лажица шеќер и се остава да се активира. Во длабок сад се мешаат жолчките, се додава квасецот, прстофат сол, растопениот путер и брашното. Тестото се вади од садот и се меси, да стане меко и мазно. Потоа се дели на четири еднакви дела, од кои се формираат топки, се покриваат со памучна крпа и се оставаат два часа да стасаат.  Од секое топче тесто на набрашнета површина се развлекува правоаголна кора (колку што е тавата за печење).

Филови: (Прв фил) Во зовриено млеко со шеќер се додава мелениот афион, се намалува температурата и се додава медот и рендана кора од лимон. Се заедно се вари уште пет минути на умерена температура со мешање, па се трга од оган и се остава да се олади.

(Втор фил) Во тенџере на силен оган се става шеќерот и малините, откако ќе почне да врие се намалува температурата и се вари уште 10 минути, пред крај се додава 5 грама желатин растворен во вода, се меша се заедно и се трга од оган, се остава да се олади.

(Трет фил) Во зовриено млеко со шеќер се додаваат мелените бадеми, лешници и ореви. Се заедно се вари на средна температура пет минути со непрестано мешање, па се трга од огнот и се остава да се олади.

Тавата во која ќе се пече колачот треба да е намастена и длабока за да ги собере сите теста и филови. Се реди кора, која се боцка со вилушка, врз неа се става филот со бадеми, лешници и ореви, врз него се става следната кора која се боцка со вилушка, врз неа се нанесува филот од малини (се остава три лажици за горе да се премачкува), врз него повторно се става кора, која се боцка со вилушка и се премачкува со филот од афион. Одозгора се завршува со последната кора која се боцка со вилушка и се става во загреана рерна на 180 Ц да се пече 10 минути, а потоа на 150 Ц уште 50 минути. Кога е печен се вади од рерната и се остава да се олади два часа. Оладен колачот се премачкува тенок слој со филот од малините и одозгора се наросува со мелените бадеми, лешници и ореви. Се сече на коцки и се служи.

На здравје!

You may also like

Comments are closed.