
Модна визија од Лондон: храбри дебија, пасоши за одржливота, силни бои и класика со изненадувачки детали
Лондонската модна недела за сезоната пролет/лето 2026 заврши, оставајќи впечаток дека британската модна сцена е во подем. Настанот започна на 18 септември, под покровителство на новата директорка на British Fashion Council, Лора Вир, и нејзиниот реформски пристап – укинување на т.н. listing такси за брендовите и отворање на програмата за поширок круг дизајнери. Со тоа, на годинешното издание бројот на претставени имиња е зголемен за речиси една петтина во споредба со минатата сезона.
Модната недела беше отворена со ревијата „The London Issue“ во организација на H&M&180, која на публиката ѝ приреди модна и музичка вечер во клубски амбиент. Дебито на младите таленти со брендовите Oscar Ouyang и Lucila Safdie ја нагласија поддршката кон новата генерација дизајнери, додека етаблираните имиња како Paul Costelloe и Mithridate останаа верни на својата препознатлива естетика.
Највпечатливиот настан на модната недела беше завршното шоу на Burberry, одржано во градините на Kensington Palace, каде што брендот го презентираше својот поглед на иднината, инспириран од британската музичка култура – од панк до Britpop. Колекцијата претстави спојувања на традиција и современост, богати текстури и колорит кој ќе ја дефинира идната сезона.
Во колекциите за сезоната пролет/лето 2026 доминираат слоевитоста и контрастите – класични кроеви збогатени со необични детали, спортски елементи комбинирани со елеганција и впечатливи акценти. Дизајнерите користеа богати материјали како плиш и велур, транспарентни ткаенини и органза, но и обновливи влакна заради еколошки пристап. Боите се смели – предничат црвената, електрично сината и металик нијансите, додека украсите со перли, реси и рачна изработка внесуваа уметничка димензија. Палтата, јакните и костумите – се клучен моден акцент, со слобода во силуетите и експериментирање со пропорции.
Освен модните линии, ова издание силно ја нагласи и одржливоста како нов императив за индустријата. Неколку дизајнери претставија „digital product passports“ за поголема транспарентност, а голем дел од колекциите беа изработени од обновливи материјали и во ограничени серии./M.M.