
По повод роденденот на ТМФ/УКИМ – Скопје, студентите од Институтот за текстилно инженерство приредија традиционална ревија инспирирана од модерните и класични бајки, според кои модата станува приказна, а реалноста избор. Имено, под менторство на проф. Лидија Георгиева, годинава тие изработија дизајни на тема „Одбери ја твојата бајка“.
Инспирирани од современото искуство на дигитална реалност, каде што алгоритмите ја креираат нашата секојдневна „приказна“, студентите преку модата истражуваа како секој од нас живее во сопствена бајка – светла или темна, колоритна или монохроматска. Ревијата пренесе порака за индивидуалноста, перцепцијата и личното патување низ светот на реалноста и фантазијата.
Манифестацијата започна со театарски фрагмент од мјузиклот *„Аладин“*, адаптиран на македонски јазик и изведен од студиото за детски и младински мјузикли „Бродвеј Џуниор“, под водство на Наташа Јанкова. Студентите од втора година беа задолжени за костимографијата на главните седум ликови, додавајќи дополнителна креативна тежина на настанот.
Во организацијата учествуваа и учениците од „Димитар Влахов“, кои се погрижија за шминката и фризурите. Модните од агенциите „Подиум“ и „Црнокрак“ придонесоа за професионален сјај на настанот.
Фото: Ѓорѓи Ристоски