
Во срцето на престолнината на модата започнува Париската модна недела (Paris Fashion Week® Menswear) посветена на машката мода за сезоната пролет/лето 2026 година. Манифестацијата ќе трае до 29 јуни, со 70 учесници, вклучувајќи 40 модни ревии и 30 презентации, распоредени низ највлијателните културни и архитектонски простори во Париз.
Отворањето е резервирано за студентите од престижниот Institut Français de la Mode, кои преку своите дипломски колекции ја најавуваат иднината на машката мода. Веднаш потоа, музичарот и дизајнер Pharrell Williams ќе го претстави новото издание на Louis Vuitton, продолжувајќи ја неговата влијателна серија во рамки на брендот.
Особено внимание оваа година привлекува враќањето на Saint Laurent на официјалниот календар, под креативното водство на Антони Вакарело, со ревија на 24 јуни. Исто така, модниот свет со нетрпение го очекува деби настапот на Џонатан Андерсон за Dior Men, кој ќе ја претстави својата нова естетска насока за брендот, со првата колекција, планирана на 27 јуни. Во програмата се истакнува и враќањето на Dries Van Noten, чие претставување ќе го означи симболичното затворање на еден период – дизајнерот лично ќе се повлече од челната позиција по 40 години активна работа.
Покрај веќе етаблираните имиња како Wales Bonner, Craig Green, Emily Adams Bode и Willy Chavarria, Париската модна недела оваа година посветува значајно место на новите генерации дизајнери преку шоурумот Sphere Paris, кој ќе ги претстави младите таленти како CACHÍ, CamperLab, P.Andrade, Camiel Fortgens и Kartik Research.
Еден од културните врвови е и ретроспективната изложба посветена на Rick Owens во Palais Galliera, која нуди сеопфатен увид во неговото повеќедецениско влијание во машката авангардна мода.
Неделата ќе биде затворена на 29 јуни со ревијата на Jacquemus, бренд кој е препознатлив по интимната, поетична интерпретација на машката силуета.
Ова издание на Париската модна недела се очекува да го потврди длабокиот културен, естетски и деловен потенцијал на машката мода, претставувајќи ја Франција како непроменета модна престолнина каде традицијата и иднината коегзистираат во совршен стил./M.M.