
На гламурозен настан подготвен од Disney и Miral, FAME’S ја донесоа македонската уметност во срцето на идниот Дизниленд.
Во магична атмосфера, исполнета со светлина, звук и 7.000 дронови, македонскиот оркестар FAME’S блесна на гламурозната церемонија по повод официјалната најава за изградба на првиот Дизниленд на Блискиот Исток. Настанот се одржа на островот Јас во Абу Даби, во организација на The Walt Disney Company и водечкиот емиратски дестинациски оператор Miral.
Настапот на FAME’S, оркестар со меѓународна репутација, основан во Скопје, беше дел од спектаклот кој го означи почетокот на изградбата на седмата Disney тематска дестинација во светот. Публиката имаше можност да ужива во визуелно и звучно доживување од највисоко светско ниво – синхронизирано шоу со илјадници дронови, огномет и изведби на некои од најголемите имиња во светската музичка и сценска уметност.
Целата музичка програма беше подготвена и диригирана од прочуениот Стив Сидвел, а покрај македонскиот оркестар настапија и пијанистот Ланг Ланг, пејачката Кери Елис, Соња Балсара и емирскиот уметник Рашед Алнуими. Присутни беа и бројни славни личности како актерот Тајрис Гибсон, супермоделот Наоми Кембел и ѕвездата Ед Вествик.
„Настапот на настанот за Дизниленд Абу Даби беше момент што нема да го заборавиме. Честа да бидеме дел од ваков глобален спектакл значи многу – не само за нас како оркестар, туку и за Македонија. Нашите музичари уште еднаш покажаа врвна професионалност и страст“, изјави Од Насју Мапа, основачка на FAME’S.
Оркестарот FAME’S, познат по својата специјализација во снимање музика за филмска, телевизиска и гејминг индустрија, од 2007 година досега има реализирано над 4.000 проекти. Со својот оркестрален студио-комплекс во Скопје и соработка со врвни светски композитори и продуценти, FAME’S се вбројува меѓу водечките оркестарски сили во Европа и пошироко.
Дизниленд Абу Даби ќе биде првиот тематски парк од овој бренд на Блискиот Исток и ќе понуди низа иновативни искуства инспирирани од најпознатите Disney франшизи.
Со овој настап, македонската музичка сцена уште еднаш доби силно меѓународно признание, потврдувајќи дека талентот и професионалноста на нашите уметници се ценети на најпрестижните светски сцени./M.M.