Д-р Огнен Ивановски добитник на престижна европска награда за иновативна хируршка техника во реконструктивната урологија
На годишниот заеднички конгрес на Европската асоцијација на генито-уринарни реконструктивни хирурзи (ESGURS) и Европската асоцијација за андролошка урологија (ESAU), што се одржа во Торино, Италија, највисокото признание за најдобра видео презентација му беше доделено на д-р Огнен Ивановски од Универзитетската клиника за урологија во Скопје.
Наградената презентација прикажува ретка и исклучително сложена хируршка процедура на генитална реимплантација и реконструкција, која д-р Ивановски ја изведе самостојно, а истата е документирана преку видео-снимка направена во операциона сала на Клиниката. Видеото, кое детално ја прикажува и објаснува техниката, претставува прв ваков запис во светски рамки.
Пациентот е следен во период од три години по изведената интервенција, со одлични резултати и без значајни компликации. Од бројните пријави на водечки европски и светски експерти, трудот на д-р Ивановски беше издвоен и признат како најзначаен придонес во областа на реконструктивната урологија за 2025 година.
„Оваа награда за мене е поттик да продолжам со уште поголема посветеност во интерес на пациентите и развојот на науката“, изјави д-р Ивановски по доделувањето на признанието.
Со оваа престижна награда, Универзитетската клиника за урологија во Скопје и македонската медицинска заедница уште еднаш докажаа дека можат рамноправно да стојат рамо до рамо со најреномираните европски и светски медицински центри.
ЈЗУ Универзитетска клиника за урологија – Скопје

More in:Вести

You may also like

Comments are closed.