Турско-британската дизајнерка, која британскиот Vogue ја прогласи за модна икона за 2025 година, ги брише границите помеѓу модата, перформансот и бунтот
Турско-британската дизајнерка Дилара Финдикоглу (Dilara Findikoglu) е препознаена како една од највлијателните фигури во британската модна индустрија годинава. Во својата листа на „25 жени кои ја дефинираат Британија во 2025 година“, британскиот Vogue ја вклучи како модна икона.
Позната е по своите креации кои често вклучуваат корсети и готски елементи, создавајќи уникатен стил кој привлекува внимание на светската модна сцена. Нејзините парчиња ги носат светски познати личности како Ким Кардашијан, Хејли Бибер и Леди Гага, а нејзините дизајни се дел од престижните настани, како Met Gala и Coachella.
Во пригодното интервју за Vogue, дизајнерката истакнува дека нејзината мода не е само за изглед, туку има подлабока мисија – да им овозможи на жените да се изразат, да блеснат и да не бидат потиснати во општеството.
Дилара Финдикоглу е родена 1990 година во Истанбул, Турција. На 19-годишна возраст заминува во Лондон, на студии за моден дизајн, на престижниот Central Saint Martins, кадешто дипломирала со почести, во 2015 година. За време на студиите, работи со дизајнери како Mary Katrantzou, Jeremy Scott и Yazbukey, а била и стажистка во Maison Margiela под водство на John Galliano, кого го смета за свој ментор.
Во 2016 година го основа својот истоимен бренд, со седиште во Лондон. Нејзините колекции и ревии често предизвикуваат и инспирираат, поттикнувајќи дебата и размислување за улогата на модата во современото општество.
Последната ревија на Финдикоглу ги брише границите меѓу модата, перформансот и бунтот. Позната по своето провокативно раскажување и прецизната изработка, таа гради наратив околу готска реинтерпретација на архетипот на Венера — омаж на женственоста, сурова, нефилтрирана и бескомпромисно независна.

More in:Вести

You may also like

Comments are closed.