“Cholecalciferol,, познат како витамин Д₃ се создава во кожата кога таа е изложена на сончева светлина. За улогите и важноста на витаминот Д постојано излегуваат нови сознанија во научните списанија, осветлувајќи цел спектар на нови функции и влијанија, дури и во врска со Ковид-19. Новите сознанија од листата што станува се подолга го потенцираат витаминот Д како Имуномодулатор, што во значителна мерка влијае кај автоимуните болести, кај малигните заболувања, при метаболички синдром.
Колку е важен витаминот Д, покажува и самиот факт што секоја клетка од телото има потреба од него, односно одговорен е за дури 4000 клеточни процеси.
Витамин или Хормон?
Малкумина знаат дека иако се реферира на витамин, станува збор и за прохормон или прекурсор на хормон. Дефиницијата за витамини е соединенија кои телото не може самото да ги синтетизира, а се неопходни во мали количини за извршување на некои важни процеси во телото. Витаминот Д може да се синтетизира и има многу покомплексно дејство од останатите витамини во организмот, но сепак, неговото синтетизирање оди под дејство на сончевите зраци, затоа се вбројува и во витамините.
Синтеза на витаминот Д
Витаминот Д во организмот се создава во кожата во вид на провитамин, а под дејство на сончевата УВ светлина се трансформира во активен витамин Д. Нашата кожа кога е изложена на директни сончеви зраци создава доволно количество на витамин Д, и токму изложеноста на сонце е најсигурен начин на синтеза.
Сонцето е најдобриот ,,извор” на витаминот Д. Иако знаеме дека УВ сончевите зраци можат да направат штета, изложувањето на поголеми површини од нашата кожа на сонце неколку минути (10-15минути) не е штетно, напротив. За изложувањето да биде ефикасно, кожата не треба да се премачкува со креми со УВ заштитен фактор.
Храната како извор на витамин Д / намирници богати со витамин Д:
• лосос
• сардина
• туна
• жолчка од јајце
• печурки
• кравјо млеко и растителни млека збогатени со витамин Д.
Недостаток од витамин Д
Недостатокот од овој витамин е застапен речиси насекаде, но зошто е тоа така, особено во земјите каде сончевите зраци се присутни во поголемиот дел од годината?
Неколку минутното изложување на сонце на лицето и рацете е далеку од доволно. Дополнително проблем е во кој дел од денот излегуваме, потоа, можеби позначајно, кој месец е?
Симптомите на недостаток од витамин Д вклучуваат:
◦ постојана подложност на инфекции
◦ хроничен замор
◦ болки во коските, мускулите, зглобовите
◦ нарушено расположение
◦ нарушено заздравување на раните
◦ загуба на косата
◦ главоболки, депресија
Кои луѓе се во особен ризик од недостаток?
◦ луѓето кои живеат во посеверните краишта на планетата
◦ оние кои живеат во градови со висока загаденост
◦ оние што премногу често користат креми за сончање
◦ вработените во канцеларии и луѓето кои поголемиот дел од денот го поминуваат во затворени простории
◦ они кои имаат потемен тен (поголемите нивоа на меланин водат кон помала апсорпција на витамин Д од кожата).
Утврдување на витамин Д во крвта
Речиси половина од населението, после 40тата година од животот, има намалено ниво на Витамин Д. Статусот на овој витамин во организмот се одредува со мерење на нивото на 25 (OH) D во серумот. Се препорачува да се проверува уште на почетокот на менопаузата, како превенција од остеопороза, затоа што хроничниот недостиг на витамин Д неможе да се реши преку ноќ, туку потребен е подолг временски период.
Според СЗО, 75-250nmol/L е спектарот на нормални вредности во крвта на витаминот Д, 50-75nmol/L –умерен недостиг, додека сé што е под 50nmol/L – претставува целосен недостиг на витамин Д.