Враќањето на Trump на власт за модната индустрија отвора нови перспективи но и предизвици.
Donald Trump се враќа во Белата куќа за да ја извршува функцијата 47-ми американски претседател, а неговата Републиканска партија освои и контрола врз Сенатот. Светот на модната индустрија веќе се прашува што во вакви околности ќе се случува под новото претседателство на Trump.
Реизборот на Donald Trump подразбира и низа промени кои можат да имаат долгорочни последици за трговијата, производството и потрошувачката во модната индустрија. Неговата економска агенда, според Fashionunitd, особено во однос на тарифите, даночните олеснувања и производството во САД значи едновремено и нови предизвици и нови можности за американските модни брендови и потрошувачи.
Тарифите и потрошувачите
Еден од клучните делови на економската агенда на Trump се високите царини за странските производи. Претседателот најави универзални тарифи од 10 до 20 отсто за сите увезени производи, додека стоката произведена во Кина може да биде оптоварена со дури 60 отсто даноци. Според проценките, овие царини би можеле драстично да ги зголемат трошоците за облека и обувки во САД, при што потрошувачите потенцијално ќе загубат до 78 милијарди долари годишно, поради очекувано повисоки цени.
Повисоките трошоци за американските потрошувачи би можеле да значат помала потрошувачка, што негативно би влијаело врз индустријата. Иако американските производители би можеле да ги искористат поволните даночни олеснувања за домашното производство, зголемените трошоци за увоз на суровини би можеле дополнително да ги зголемат цените.
Стимулации за домашно производство
Trump јасно стави до знаење дека сака да ја намали зависноста на САД од странски увоз. Како дел од неговата политика „Made in USA“, тој најави продолжени даночни олеснувања за домашните инвестиции, вклучително и целосно укинување на даноците на добивката за американските производители. Овие мерки би можеле да придонесат за ревитализација на американското производство, вклучително и модната индустрија.
Сепак, таквата политика може да доведе и до влошување на трговските односи со главните партнери, како Кина, што може да предизвика прекини во глобалните синџири на снабдување и да ја зголеми цената на суровините, што би имало негативно влијание врз модните брендови кои зависат од странско производство.
Даночни олеснувања за корпорации
Трамп планира да продолжи да ги намалува корпоративните даноци, вклучително и продолжување на даночните намалувања од 1,7 трилиони долари од неговиот прв мандат. Овие мерки би можеле да имаат позитивен ефект врз големите американски модни корпорации, бидејќи даночните намалувања ќе ги зголемат профитните маржи и ќе овозможат нови инвестиции. Сепак, малите и средните претпријатија во индустријата веројатно нема да имаат иста корист, што може да создаде поголема разлика помеѓу големите брендови и помалите играчи.
Нов режим за одржлив развој
Критиките на Trump за новиот зелен договор и најавата за укинување на многу еколошки регулативи, би можеле да го намалат притисокот врз брендовите да користат одржливи материјали и да спроведуваат еколошки практики. Ова може да ги намали трошоците за модните брендови, но на долг рок може да го намали напредокот во намалувањето на индустриското влијание врз животната средина.За модата, ставот на Trump може да значи помалку регулативи за производите и помалку акцент на имплементација на одржливи материјали во производствените процеси.
Под водство на Trump, модната индустрија во САД ќе се соочи со голем број предизвици и можности. Додека домашните производители би можеле да имаат корист од неговите политики за поттикнување, високите царини и намалениот извоз би можеле да ги зголемат трошоците за потрошувачите. Во секој случај, модните компании мора да бидат подготвени за брзи промени и адаптација на новото економско опкружување. /М.М.

 

More in:Вести

You may also like

Comments are closed.