За ставовите на одржливата мода и на одржливото однесување, како принципи на новото време, расправано е вчера, на Јавната дебата организирана од Skopje Fashion Weekend, во рамките на проектот “Small but perfect”- осмислен како моден акселератор што треба да ја трансформира циркуларната мода во одржливи модели поддржан од COSME програмата на ЕУ.
На јавната дебата со наслов „Мала но совршена: енергијата на дизајнот за луѓето и околината“ говореа: Александра Спасевска – новинарка и активистка членка на Fashion Revolution Macedonia, Натали Ристовска – дизајнерка на одржлива мода и истражувач на новите технологии за производство на текстил и основач на брендот Јованка, италијанскиот дизајнер Арслан Додо кој е на листата на 90 светски водечки дизајнери и комапнии и кој допатува во Скопје специјално за овој настан, Карло Стронати – претставник на Errea модниот бренд, Милена Доневска – бренд менаџер во Магнетик и Александра Трпеска која под името Majestic делува како инфлуенсер кој застапува активизам и одржлива мода.
Главните ставови околу кои се движеше дискусијата беа квалитететот и тоа не како синоним за луксуз, туку фактор на одржлив и одговорен развој. Во сето, луѓето треба да се стават пред профитот.
Циркуларната економија значи отстапување од традиционалниот, линеарен економски модел, кој се заснова на принципот земи-направи-потроши-фрли. Овој модел се потпира на големи количини на евтини, лесно достапни материјали и енергија. Дел од овој модел е планирана застареност, односно отстапување од практиката да се дизајнира производ така што тој да има ограничен животен век – истакна Александра Спасевска – членка на Fashion Revolution Macedonia.
Натали Ристовска и Александра Трпеска, преку лични примери предлагаа можни мерки како што се: спречување на отпадот, еко-дизајнот и повторната употреба, који можат да им заштедат пари на компаниите или на поединците, а истовремено да ги намалат вкупните годишни емисии на стакленички гасови.
Италијанскиот дизајнер Арслан Додо кој е на листата на 90 светски водечки дизајнери и компании и кој допатува во Скопје специјално за овој настан, ги сподели своите искуства кои се однесуваат на сегменти на осветлувањето кое се користи при создавањето на модните кампањи. Иновациите го движат светот, а модата и дизајнот се оние сегменти кои секогаш биле пионери во воведувањето на новините, беше неговиот заклучок.
Гостинот од Италија во рамките на Деновите на италијански дизајн одржа и мастерклас посветен на италијанскиот дизајн во амфитеатарот на Машинскиот факултет во Скопје.
Потрошувачите ќе добијат и потрајни и иновативни производи кои ќе го зголемат квалитетот на животот и ќе заштедат пари на долг рок, беше уште еден од заклучоците на Милена Доневска – бренд менаџер во Магнетик и Карло Стронати – претставник на Errea модниот бренд. Од дебатата таа издвои неколку клучни заклучоци: важен е целосниот животен стил, а не само нашиот однос кон облеката, и секој мал чекор се брои; користењето на природни материјали и рачната изработка не носат поблиску кон природата; дури и остатоците од оризот, кој е наша локална произведена храна можеме да ги употребиме во производството на материјали и облека; дека долготрајноста на производите и квалитетната изработка им даваат поголемо значење и можност за нивното понатамошно користење од следните генерации; едукацијата на потрошувачите на сите можни нивоа за принципите на одржливоста; поддршка кон локалните традиции и малите домашни дизајнерски брендови, како и поголема транспарентност на големите компании за нивниот придонес или влијание на околината. Сите треба да бидеме активисти и постојано да бараме одговорност од производителите. На крајот, потребно е да покажеме како дизајнот може да понуди одлични решенија за зачувување на нашата планета, нашите природни ресурси, нашата хуманост и нашата душа“ – заклучи на крајот Проф. д-р Гордана Вренцоска, која беше и модератор на оваа дебата.
Годинешното, 26. издание на Skopje Fashion Weekend ,се одржува во рамките на „Деновите на италијанскиот дизајн„, проект иницирано од Министерство за надворешни работи и меѓународна соработка, преку италијанските амбасади, институти за култура и трговски агенции, за промовирање на италијанскиот дизајн и архитектура./М.М.