Valentino низ „Nocturne“ на Алесандро Микеле ја истражува интимноста на современиот стил
Со кампањата „Nocturne“, за летната сезона за 2026 година Алесандро Микеле го отвори своето прво поглавје во Valentino. Кампањата ја истражува тенката линија помеѓу јавето и сонот, претставувајќи го моментот на самракот – миг исполнет со носталгија, интимност и магија.
„Nocturne“ е замислена како визуелна симфонија во која секоја просторија во одбраниот хотел раскажува посебна приказна. Ликовите – Дакота Џонсон, Тејт Мекреј, Мариса Беренсон, Дев Хајнс, Анe Имхоф и Девон Теушер – се појавуваат како самостојни светови, меѓусебно блиски, но без контакт. Таа изолирана блискост е и централната метафора на кампањата: современиот човек што живее во споделен простор, но во сопствена тишина.
Фотографијата ја потпишува Марили Андре, додека стилингот е на Џонатан Каj. Во визуелниот јазик на кампањата доминираат црни и сребрени акценти, сатен, пера и свилени ткаенини што го одразуваат лиризмот на Микеле и неговото чувство за театарска суптилност. Valentino со оваа кампања го заменува класичниот lookbook‑формат со поетски, кинематографски кадри што повеќе зборуваат за расположението отколку за самата облека.
„Nocturne“ претставува ново поглавје во естетиката на Valentino – меко, интимно и културолошки многуслојно. Присуството на уметници, музичари и актери, уште еднаш ја нагласува определбата на брендот дека модата е дел од поширок културен контекст – нејзина слика и нејзин одраз.
Реакциите на модните критичари на кампањата „Nocturne“ беа речиси едногласни: станува збор за силен и препознатлив потпис на Алесандро Микеле, кој успеа да ѝ подари на куќата Valentino ново поетско чуство. Според анализите на *The Fashionography* и *Design Scene*, Микеле ја зачувал романтичната димензија на брендот, но ја облагородил со интимна меланхолија и визуелна тишина.
Наместо експлозија на бои и барокна драма, тој избрал суптилна темнина што ја става емоцијата во центарот. Овој пристап, според модните уредници, означува пресврт кон „повозрасна“ и посозреана верзија на Valentino – каде што луксузот не е во формата, туку во чувството кон представеното./М.М.

Слики – сајт на Valentino



















