MONOBROW

На сајтот на MONOBROW, внимание привлекува преставувањето на брендот и инспирацијата за создавањето – безвременска облека на Фрида Кало. Според Ангела Вељановска, дизајнер на MONOBROW за се е „виновна„ фрустрацијата да најдат парчиња на Фрида Кало што на крајот се условило создавањето на, како што велат, одржливо и ограничено производство.

Ангела Вељановска, која инаку е архитект, а дизајнот и е и љубов и преокупација, ни ја раскажа приказната наречена Monobrow, условите во кои таа и нејзината мајка создаваат дизајни што раскажуваат приказни исполнети со боја, детали и уникатност, како и за идните планови.

Претставувајќи го Monobrow Ангела посочува: во моментов сме бренд за женска облека, креиран и инспириран од Фрида Кало, мексиканската сликарка, икона во уметничкиот свет, оригинална, своја, како во  сликарската кариера така и во нејзиниот личен стил, облека полна со боја, детали и накит. Живот поминат во физичка болка и страдање, но креативна, колоритна и борец до последниот ден. Се стремиме да понудиме одржливи и модерни опции, да создадеме висококвалитетни парчиња облека кои се со приказна, со свој наслов, препознатливи, забавни и функционални. Исто така, се надеваме дека ќе најдеме начини да имаме еколошка одржливост на околината, за да создадеме подобар свет за нас и за идните генерации.

MONOBROW

ММ: Посочете го значењето на кроевите и на нивната комбинација со користените материјали, принтовите?

Речиси целата наша колекција има одржлив аспект, со 100 процентно производство изработено од суровини, како органски памук или лен. Деталите на одредени материјали се со мотиви од Фрида Кало што го прави моделот посебен и различен од останатите. Некаде Фрида доминира, некаде се појавува само како мал акцент. Со љубов и внимание купеното парче облека се пакува во хартија, картонска кутија и етикета од рециклирани материјали. Ги произведуваме нашите модели без прекумерно производство и со минимален отпад. Нашите ограничени количини значат и дека не сакаме да се сретнете на улица со исти модели, како униформа.  Win! Win! Да се биде бавен моден бренд, значи дека вашиот производ ќе се реализира откако ќе ја направите нарачката. Знам дека ова е многу различно од брзата мода но “произведено по нарачка” значи почит кон животната средина, бидејќи  придонесуваме кон намалување на отпадот. Направено по нарачка, исто така значи дека можете да го прилагодите вашиот модел според вашите преференци.

ММ: Модната индустрија, во помала или поголема мерка, беше и е погоденa од последиците на пандемијата. Како ја замислувате реализацијата, промоцијата и преставувањето на колекцијата во постојните услови?

За време на пандемијата, посебно периодот на карантин и забраните за движење, почнавме да правиме постови тикток и на Инстаграм што ни помогнаа да го промовираме нашиот бренд. Kако резултат на пандемијата се фокусиравме на развој на онлајн промоција на нашите производи на глобално ниво и тоа ни помага полесно и побрзо да го промовираме  брендот насекаде во светот.

MONOBROW

ММ: Како би се опишале себе си – вашиот стил, воопшто водечката инспирација за создавањето, највпечатливиот момент, личното чуство на успех?

Јас израснав во Јужен Лондон и до ден денеска сум на постојана релација Македонија и Англија која ми овозможува да истражувам, учам, осознавам  и да го извлечам најдоброто од двете култури. За време на студиите и по завршување на факултетот по архитектура, тргнав да патувам низ светот. Во Бразил, се заљубив во егзотиката, енергијата на секој чекор. Во Мароко во традиционалните ракотворби, и се вратив  дома со шарени теписи, облека, чевли и многу сувенири за пријателите. Пораснав во креативно семејство, мајка ми Жани, како уметник, ме воведе во светот на уметноста, вклучувајки го и светот на Фрида Кало. Од моментот кога се запознав со нејзините уметнички дела јас се фасцинирав и почнав да истражувам се во врска со неа. Мonobrow едноставно се роди од фрустрацијата што не бев во можност да купам дела од Фрида Кало.

MONOBROW

ММ: Кога сме кај дизајнот – можеме ли да се навратиме на вашите почетоци, на поривот за создавање, премрeжјата и дилемите – доколку биле присутни?

Отсекогаш знаев дека сакам да создавам и дизајнирам работи а студирањето архитектура ми помогна многу во целиот процес. По завршување на факултетот, започнав да работам како архитект во Лондон вo приватно архитектонско студио, ми се допадна но сепак нешто ми недостасуваше. Ја сакав динамичноста и слободата на движење. Да додадам  уникатност во мојот секојдневен живот, да си искреирам нешто лично мое. Како дете излегував од традиционалните стереотипи и тоа е она што ме мотивираше да започнам да дизајнирам нешто  уникатно и шарено. Со години бев фасцинирана со пораката на Фрида да бидеш и останеш свој, ова им е познато на моето семејство и пријателите, така што 90% од подароците кои ги добивам се поврзани со Фрида :). Откако се вратив во Македонија, решив дека сакам да започнам мал бизнис што ќе го водам со мајка ми. Двете се сложуваме и се надополнуваме во идеите. Така се роди брендот наречен “Monobrow”. Благодарна сум им на моите родители за подршката која ми ја даваат, кои се моја инспирација, вечни ентузијасти, неуморни, трагачи по убавото. Не беше лесно да се изгради брендот бидејќи знаев дека за некои ќе изгледа премногу смело, но јас се држам до мојот стил и концепт и создавам бренд кој е полн со љубов, бои и живот.

MONOBROW

ММ: Како би ја опишале деловната и модната сцена во Македонија и регионот, со земјата за која сега деловно сте поврзани? Кои се вашите планови за годинава?

Сакаме да инспирираме посветло утре преку креативност и позитивност. Наша цел е да промовираме одржливост со споделување на знаење и искуство преку разговори на работилници и онлајн комуникација. Планираме освен парчиња облека да понудиме и други производи, но за тоа во некоја наредна прилика. Работиме на организација на натпревари во креативност, поврзани со Monobrow, за да ги инволвираме младите креативни луѓе да внесат промена во нивниот живот без оглед на нивната професионална ориентација или минато./M.M.

MONOBROW

MONOBROW

MONOBROW

You may also like

Comments are closed.