Како што и се очекуваше, ревијата на модната куќа на Issey Miyake на Машката модна недела во Париз (Men’s Fashion Week Paris) преставуваше своевидно оддавање на почит на делото на славниот јапонски уметник кој почина на петти август лани. Лесната линија на облеката, создадена во хармонија со природата и во оваа колекција останува доминантен дизајнерски код на брендот што го носи името на Issey Miyake.
Триаголниот монохроматски принт создаваше триаголна топографија низ облеката која изгледаше како униформа за култот на добриот вкус, иако понекогаш во гранични боји. Триангулацијата додаде елемент, но паралелните линии останаа врвно дефинирачки.
Синонимот за модната иновација, јапонскиот уметник Miyake ја изгради својата репутација на авангардни кроеви и на препознатливи мириси. Во модата заслужува признание за својата технолошка прецизност и уметничка вредност.
Неговата техника на плисирање налик на оригами со потпис, претставува вистински подвиг на инженерството, а неговиот дизајн етос – освежувачко демократски.
Создаваше убаво изработена облека – комотна, доволно-практична, за секојдневна употреба и луѓе – облека што го надминува полот, големината, расата и возраста.
Пристапот на Miyake кон дизајнот беше вродено хуман, квалитет кој без сомнение беше под влијание на неговите животни искуства. Како дете растејќи во Хирошима, тој ја преживеал атомската бомба фрлена од САД во 1945 година, губејќи ја својата мајка три години подоцна поради труење со радијација. Беше длабоко поврзан со настанот за што е потврда и моќниот текст во Њујорк Тајмс, против употребата на нуклеарно оружје./М.М.