Откако беше откажан во 2020 година и потоа лани одржан дури во септември, хуманитарниот монденски настан Met Gala, познат и како прв понеделник во мај, годинава повторно се врати во вообичаениот термин.
Блескавиот настан беше одржан во Metropolitan Museum of Art, во присуство на бројни познати личности од светот на модата, уметноста и на бизнисот.
Откако поминаа по црвениот тепих ја посетија и новата изложба на музејот, насловена како „Во Америка: Антологија на модата“, како своевидно истражување на американската мода.
Изложбата е претставена во 13 простории во музејот и содржи дизајнерски дела на Bill Blass, Brooks Brothers, Lloyd Kiva New и многу други.
На црвениот тепих, пак, елегантно и екстравагантно облечените гости го следеа кодексот на облекувањето охрабрени, низ модерен пристап, да ја оживеат облеката од крајот на 19 век.
Met Gala има долга историја на создавање незаборавни модели, што се преставуваат низ целиот свет – а оваа година Met Gala секако не е поинаква.
На списокот на гостите се најдоа познати артисти, модни дизајнери, уметници, како и луѓе од бизнисот, од кои се очекува поддршка на проектот на организаторите.
Над 200 изгледи на Met Gala се на сајтот на Vogue, на кој може и да се гласа за оние за кои се смета дека со облеката успеале да ја донесат темата, како и оние кои за тоа и не воделе сметка. Така, годинешниот настан помина во знакот на голем број на мажи облечени во здолништа, како и на дами кои елегантно ги носеа своите долги фустани, а за што беа потребни и помошници – за носење и местење на метарските ткаенини пред бројните фоторепортери./М.М.