Со колекцијата на Marcel Ostertag насловена како Insomnia, отворенa е Берлинската модна недела, или Berliner Modewoche. Ostertag ја шармира публиката со Insomnia, колекција која, како што беше посочено, го надминува времето. Според Ostertag, Insomnia (наменета за сезоните есен/зима25) е колекција на полноќен копнеж и немирни желби, кои ги замаглуваат границите помеѓу сонот и јавето, создавајќи атмосфера исполнета со заводлив шарм и сензуална мекост.
Колекцијата е игра на контрасти, како и двете лица на ноќта: со композиции на свила и кожа, со светкави акценти во сребро и злато, со сложени везови, бисери и кристали. Палетата на бои ги евоцираа сенките на самракот, додека крем, портокалова и црвена воведоа изливи на енергија и топлина.
Силуетите на пистата носеа чувство на модерна носталгија, особено видливи во ритамот на карнерите. Пулсирачките електронски ритми на шоуто потсетија на клупската култура од 1970-тите, додека моделите се лизгаа по пистата во визуелна прослава на привлечноста на ноќта.
Проширувајќи ја својата креативна визија, Ostertag со Insomnia покажа дека неговата мода го надминува времето: нослива е и длабоко емотивна, носталгична но едновремено и свртена кон иднината.
Берлинската модна недела или Berliner Modewoche се одржува двапати годишно, во јануари и јули, во Берлин, Германија. Годинешното, јануарско издание, на кое беа претставени колекции наменети за есен/зима 2025-2026 беше фокусирано на темите на слободата, вклученоста и креативноста во модната индустрија./М.М.


You may also like

Comments are closed.