Трето издание на скопскиот мултимедијален фестивал – музика, винил и локален дизајн во срцето на градот
На 22 октомври, центарот на Скопје ќе го оживее трето издание на мултимедијалниот фестивал „House of 3“, што ќе се одвива на три поврзани локации – „Три Кичен & Бар“, „Клуб 1212“ и „Станица 26“.
Настанот ќе трае дванаесет часа, од 18 часот навечер до 6 часот наутро, обединувајќи музика, винил маркет, поп-ап шоп и урбан дизајн.
Фестивалот е создаден во настојување да се поврзат различни уметнички изрази и луѓе со слична енергија. „Идејата започна пред три години, сосема спонтано, вели Еми Ермилова, креатор и организатор на фестивалот. Сакавме место каде што музиката, уметноста и локалните брендови ќе се сретнат на три сродни локации. Со секое ново издание, ‘House of 3’ расте и создава простор за инспирација, соработка и позитивна енергија„ посочува Ермилова, додавајки дека фестивалот се реализира во соработка со „Три Кичен & Бар“ и ноќните клубови „Клуб 1212“ и „Станица 26“.
Фестивалот започнува во „Три Кичен & Бар“, каде што ќе биде одржан винил маркет за колекционери и љубители на грамофонски плочи, како и поп-ап шоп со локални брендови „5 до 12“, „Кактус“, „Фабрика“, „Финкс арт“ и „Милч“. Посетителите ќе можат да најдат винтиџ и современа облека, аксесоари, шапки, постери и други креативни производи, придружени со добра храна и настапи на диџејките Емили Нас и Ермилова.
Случувањата во „Три Кичен & Бар“ ќе траат до 1 часот по полноќ, по што програмата продолжува во двата ноќни клуба — „Клуб 1212“ и „Станица 26“.
Од полноќ во „Клуб 1212“, ќе настапат Џејн Рајз и локалниот диџеј Базел. Џејн Рајз, 28-годишна уметница со растечка меѓународна кариера, е позната по својот спој на афро и хаус ритмови. Паралелно, во „Станица 26“ ќе настапи италијанскиот диџеј Лехар, чиј звук комбинира емотивни бас линии и електронски импровизации, со поддршка од македонскиот диџеј Веки.
Со настапите на интернационални и локални артисти, „House of 3“ и оваа година ќе ја спои урбаната култура на Скопје во една ноќ посветена на музика, уметност и креативна енергија.




















