Ставена во позиција самостојно да ја креира есенската колекција на Hermès, дизајнерката Nadège Vanhee-Cybulski, инаку креативен директор на Hermès International, вели дека тргнала од идејата за облека што комбинира самодоверба на амазонка и чуствителност на времето исполнето со неизвесности, поради пандемијата. Размислувала за свртување на нова страница, за ресетирање, за создавање облека што ќе биде висока мода во која жените ќе се чуствуваат како во својата втора кожа.
Во суштина, нејзиниот умешно калибриран луксузен дизајн во оваа колекција се прилагодува кон условите на живеење на новото нормално, а кои за жал, стануваат реалност. Вокабуларот на Hermès се репродуцира преку гардероба која овојпат вклучува на пример тексас јакни со оригинални апликации, како референци за техничката опрема за возење велосипед. Кафеавиот костум од велур е дополнет со полу пончо, а беж палтото со двојно лице и меки линии повторно говори за самотни есенски прошетки. Во модните додатоци, доминира иконската Birkin чантата.
Претчуството според кое есенва повторно се под знак прашалник посетите на рестораните, забавите и излегувањето воопшто, резултира со фустани создадени за тивката интимна, за дружење што уште може да се одвива зад затворени врати. Дневните фустани се со високи крагни, класични здолништа и соодветни џемпери, но и неколку неверојатно шик минимални костуми со кожни завршетоци. Сите овие детали во дизајнот покажуваат разбирање за приватниот живот на клиентите на Hermès, во актуелните услови, каде и да се во светот./М.М.