
По 60 години Benetton ги гаси светлата: онлајн трговијата и жестоката конкуренција го срушија брендот кој некогаш ја дефинираше уличната мода.
По повеќе од шест децении постоење, италијанскиот моден бренд Benetton се наоѓа во сериозен процес на реструктуирање. Компанијата започна со затворање на стотици продавници ширум светот, вклучително и на повеќе локации во Италија, Србија и други региони. Според достапните податоци, околу 400 продавници ќе бидат затворени до крајот на 2025 година, со цел компанијата да ја намали огромната финансиска загуба и да го стабилизира своето работење.
Затворањата не се однесуваат само на продавници, туку и на производствените капацитети, како што е случајот со фабриката во Ниш, Србија, каде што повеќе од 1.000 работници ќе останат без работа. Компанијата Benetton SRB DOO веќе упати повик за продажба на недвижноста – на целиот фабрички комплекс од над 81.000 метри квадратни, лоциран во Ниш.
Експертите посочуваат дека затворањата не се изненадување, туку резултат на постепена, но длабока пазарна трансформација. Глобалната конкуренција, особено со појавата на онлајн трговските гиганти како Amazon, драстично го промени начинот на купување. Потрошувачките навики се префрлија кон дигиталните канали, каде што цената, брзината на испорака и разновидноста играат клучна улога. Дополнително, некои големи меѓународни модни брендови успеаја да ги “пресретнат” новите вкусови и трендови, освојувајќи го пазарниот простор што му припаѓаше на Benetton.
Во Италија, особено во регионот Пулија, затворањето на историските продавници во градови како Бари доаѓа како последица на судскиот спор помеѓу Benetton и локалниот лиценцен партнер – групацијата Примавера. Таа го обвинува Benetton за „економска злоупотреба„ и „нерамноправни договорни услови„ што довело до финансиски колапс на локалното управување. Benetton одговорил со барање за стечај и ликвидација на лиценцираниот партнер.
Затворањето на продавниците не е само економски потег, туку и „крај на една модна ера„. Со својот препознатлив стил, Benetton не нудеше само облека, туку и визуелна и културна изјава – дел од италијанскиот животен стил што траеше 60 години. Денес, симболично, со спуштените ролетни од продавниците, завршува едно поглавје во глобалната модна индустрија./M.M.