Новата колекција на Роберт Ивановски – “Ars Naturae”, наменета за пролет-лето 2025, е инспирирана од традиционалните методи на правење керамика во шпанските градови.


“Фасциниран од традиционалните методи на правење керамика што се користат повеќе од пет века во шпански градови Талавера де ла Реина и Ел Пуенте дел Арзобиспо (во провинцијата Толедо), кои сеуште имаат заедници на занаетчии кои изработуваат керамички предмети за домашна, декоративна и архитектонска употреба, секој со свој идентитет, се роди инспирацијата за оваа колекција.
Колекцијата е изработена од природни ткаенини како лен и памук и е наменета за следната сезона, пролет-лето 2025. Таа се состои од црна, сина и млечно бела боја, збогатена со рачно насликани принтови инспириран од декоративните мотиви на Helechos y Golondrinas (папрати и ластовички), кои се едни од најпопуларните керамички серии на Талавера, кој датира од крајот на 16 и почеток на 17 век.
Првиот дел од колекцијата е претставен во март годинава на Модниот викенд во Скопје, како дел од проектот “Дијалози”, кој беше во организација на амбасадата на Шпанија во земјава и модниот викенд.
Колекцијата го носи името “Ars Naturae”, латинска фраза што во превод значи “уметност на природата” и сугерира дека самата природа е форма на уметност која постојано се развива и имплицира хармонија помеѓу човечката креативност и природниот свет”, објаснува Роберт Ивановски.

Фотографија: Ани Дими
Модели: Александар Додевски (max models) и Мартина Марковска
Шминка и фризура: Амир Локи

You may also like

Comments are closed.